Од Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) соопштија дека на минатогодишниот попис како „северномакедонци” се попишале 2.281, а како Бугари, 7.597 лица.
На пописот во 2011 година во Албанија имаше 5.512 Македонци и 0 Бугари.
Во прегледот за бројот на малцинствата во земјата од страна на Институтот единствено само за македонската во графата стоеше име на државата на албански јазик, наместо етничка припадност, а на англиски јазик – „северномакедонци“, пренесе државната агенција МИА.
Податоците предизвикаа жестоки реакции од македонските организации во Албанија и од единствената партијата на Македонците, Mакедонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа” ги отфрли резултатите, ги окфалификува како груб фалсификат и грубо мешање на Бугарија.
-Протестираме до претседателот, Собранието и Владата на Албанија затоа што подлегнаа на бугарските закани за пристапувањето на Албанија во Европската Унија, ако Тирана не впиши Бугари во Законот за националните малцинства и доколку не декларира Бугари на последниот попис на населението.
Европската Унија мора да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се Бугари по потекло.
Најавуваме дека ќе организираме неформален попис на Македонците во Албанија, како што тоа од поодамна го стори Грчката заедница во Албанија.
Бараме и македонската Влада да протестира поради фалсификуваниот попис во Албанија, отфрлен дури и од албанската опозиција и да преземе конкретни мерки според уставната грижа за Македонците во соседните држави на државата Македонија.
Бараме одговорност и од Владата на Албанија затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската Влада грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија, велат од таму посочувајќи дека во Албанија етнички Бугари нема.
-На ниту еден попис од 1912 до 2023 година на целата територија на Албанија не се попишал ниту еден Бугарин, велат од организацијата.
МАЕИ изрази огорченост и не ги признава објавените резултати, нагласувајќи дека бројките за македонското малцинство се манипулирани и фалсификувани.
Лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски изјави дека македонската заедница не може да биде колатерална штета на патот на Албанија кон европското членство, поткрепувајќи го тоа со заканите на Бугарија, најпрво со признавање на непостоечкото бугарско малцинство, а потоа и со нереагирање на нивните предупредувања за заканите од бугарските власти кон Македонците за да се попишат како Бугари и условувањето со добивање пасоши, пренесе МИА.
– Фактот дека Бугарија го контролира пописот во Албанија е што во Бугарија за време на пописниот период во Албанија, на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од обрасците како се изјаснувале жителите во Албанија. Овие податоци се заштитени со закон, но Бугарија имала пристап.
Членството на Албанија во Европската Унија е стратешка одлука на нашата земја, како и барање на албанските граѓани без разлика на етничката припадност. Македонската заедница во Република Албанија не може да биде колатерална штета на патот на Албанија кон европското членство, кажа Стерјовски.
МАЕИ во име на Македонците не само што не ги „признава фалсификуваните пописни податоци за македонското малцинство, туку бараме и од државата и од меѓународните институции да го сторат истото, бидејќи овие фалсификувани резултати отворено излегуваат против уставниот поредок и европските аспирации на Албанија“, посочи тој.
-Затоа, бараме спроведување на нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен мониторинг, за да се гарантира чесен и транспарентен процес кој ќе ја одразува етничката реалност на Албанија. До Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција ќе доставиме барање да поведе истрага не само за ИНСТАТ, тку и за сите индиции околу пописот, најави Стерјовски.
Тој за албанските медиуми ги наведе и низата нерегуларности во спроведувањето на оваа значајна статистичка операција.
-Начинот на кој беше спроведен пописот минатата година и прибирањето податоци за етничката припадност се вршеше со бројни прекршувања во текот на процесот. Еден од проблемите што ги имавме во периодот пред почетокот на пописот како и за време на пописот е притисокот од Бугарија македонското малцинство да се декларира како бугарско.
Овој притисок дојде по признавањето од страна на Албанија во 2017 година на непостоечко бугарско малцинство во нејзините граници, по заканата на Бугарија дека ќе стави вето на европскиот пат, каде според официјалните податоци од пописот спроведени низ годините, како и пописот од 1989 година и последниот во 2011 година, ниту еден жител во Албанија не се изјаснил како Бугарин, рече тој.
Додаде дека албанските институции не презеле никакви мерки за да му гарантираат на македонското малцинство слободно и непристрасно изјаснување без надворешен притисок од Бугарија, туку отворено им помогнале на бугарските власти.
-Пред почетокот на пописот, но и за време на пописот на подрачјето на Преспа, Гора и Голо брдо, каде што живее македонското малцинство, дојдоа претставници на бугарските институции, кои донираа разни помагала, но направија и пропаганда за жителите да се изјаснат како Бугари, за што ќе бидат обезбедени со бугарски пасоши.
Луѓето од македонската заедница, кои аплицирале за бугарски пасоши и се во процес на вадење пасош и пред почетокот на пописот и за време на пописот, биле контактирани од Бугарската амбасада и посредниците за пасоши за да се изјаснат како Бугари на пописот, со закана дека во спротивно нема да ги добијат пасошите. На терен, во областите каде што живеела македонската заедница се водеше кампања да се изјаснат како Бугари, а откако ќе се изјаснат ќе имаат можност да добијат потврда од општините дека се изјасниле како Бугари и веднаш ќе добијат бугарски пасош, се наведува во реакцијата.
Потенцираше дека албанските граѓани имаат добиено бугарски пасоши и платиле илјадници евра за него, затоа што е европски пасош, а не затоа што се Бугари и со тој пасош можат да ги користат привилегиите на Европската Унија.
-Друг проблем на кој наидовме за време на пописот беа јавните закани од екстремистички групи од Бугарија, кои беа нашироко емитувани во албанските медиуми, каде што им се закануваа на албанските граѓани кои имаат бугарски пасоши или аплицирале за бугарски пасоши да се изјаснат како Бугари, во спротивно ќе бидат уапсени или не би биле обезбедени со бугарски пасоши.
Иако побаравме од албанските институции, на овие екстремистички групи да им е забранет влез во Албанија за време на пописниот период, албанските власти не презедоа никакви мерки со кои ќе им дозволат на овие екстремистички групи од Бугарија за време на пописниот период да ги посетат областите каде што живее македонската заедница и прават пропаганда и притисок жителите да се изјаснат како Бугари, но и со давање 300 евра за да се изјаснат како Бугари, обвинија од МАЕИ.