еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Газдите на конфекциите го потврдија нивниот робовладетелски однос кон текстилните работници, сметаат од Хелсиншки

Писмото кое сопствениците на текстилните фабрики здружени во Текстилниот кластер го упатија до министерката за финансии Нина Ангеловска, министерката за труд и социјална полтитика Мила Царовска и до вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев предизвика бурни реакции во јавноста.

Во него, газдите бараат текстилните работници да работат по 8 и пол часа, за да може паузата од половина час да им биде платена, бараат и да се укинат празници за да нема дисконтинуитет во производството. Тие дури се заканија и со штрајк, поради условите за водење на бизнис.

Денеска на ова реагираше Хелсиншки комитет кој бара од државата да ги заштити правата на текстилните работници кои им се загарантирани со Устав.

„Сметаме дека со самото искажување на ваквите ставови директно се удира на работничките права и на достоинството на текстилните работнички и работници – една од најзагрозените и најмалку платени групи во општеството.

Со ова, самите работодавачи практично го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците и начинот на кој секојдневно ги третираат вработените во своите погони“, се вели во реакцијата на Хелсиншки комитет.

До Хелсиншкиот комитет, заклучно со септември 2019 година, се имаат обратено 1.497 текстилни работнички од 60 конфекции од 12 различни градови. Дадени се 906 правни советувања и иницирани се 20 постапки за инспекциски надзор.

„Сепак, Државниот инспекторат за труд само во еден случај има утврдено неплатена работа на празник, а ниту еднаш нема утврдено неплатена прекувремена работа и/или прекувремена работа над законскиот минимум. Уставно загарантираните права на работникот не смеат да бидат жртвувани во име на профитот на газдите.

Очекуваме дека државата соодветно ќе одговори на ваквите барања и дека ќе ги заштити работниците од бескрупулозниот однос кон нив. Притоа, важно е да се спомне дека работодавачите во текстилната индустрија се дополнително привилегирани со субвенции од државата за исплата на минимална плата и дека уживаат други поволности во однос на извозот.

Во таква ситуација, државата не смее да дозволи газдите да ги третираат работниците како да се робови“, се додава во соопштението.

Фото: etuc.org

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Голем раст на заболените со сезонски грип, досега починале три лица

Редакција

Победата на Македонија одекна во светските медиуми: „Срамен пораз за Германија на домашен терен“

Редакција

Манчевски, Ременски и Богоевски ќе сведочат за за насилството во Собрание

Редакција