Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека еден повреден во пожарот во Кочани, кој се лекува во Белград, Србија, најверојатно денеска се враќа на понатамошно лекување овде.
Во странство, во моментов се лекуваат 115 повредени.
Во клиниките во Скопје се лекуваат 39 повредени. Од нив, 12 се во клинички центар, 10 во старата Градска болница, 10 повредени во „8-ми Септември“, а во приватните клиники 7.
-Добрата вест е што денеска се испишуваат 12 пациенти и практично ќе останат 27 пациенти кои се лекуваат во болниците во Скопје.
Во странство се лекуваат 115 пациенти. Добра вест е што најверојатно едниот пациент денес се враќа од Белград на понатамошно лекување во Скопје. Пациентот е во добра општа состојба, ќе биде направена тријажа и ќе биде сместен на клиника, рече Таравари.
Министерот информираше дека кај 4-5 пациенти кои се лекуваат во странство состојбата е посериозна. Некаде имало и влошување, но докторите го даваат максимумот за да помине овој тежок период.
Исто така, екипи од пластична хирургија денес веќе се на пат за Кочани каде треба да дадат помош на пациентите со изгореници кои се пуштени на домашно лекување.
Екипите ќе дадат професионална поддршка таму, без да треба овие пациенти да патуваат до Скопје.
Воедно, министерот информираше дека има понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешко повредените, а во следните денови ќе известат каде ќе може да бидат сместени тие доколку имаат ваква потреба.
Фото: МЗ