еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка: Инфлацијата забавува, нема промени кај каматните стапки

На последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (НБ) било оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, информираат од НБ.

На седницата било одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно.

„Домашната инфлација забавува и во февруари 2024 година се сведе на 3% на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки.

Сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Стапката на инфлација во февруари е блиску до онаа во еврозоната. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, а воедно и прогнозите за следниот период се надолно ревидирани.

Остварувањата кај инфлација од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат.

Имено, сѐ уште отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи.

Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата,“ велат од таму.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни.

„Нивото на девизните резерви на крајот на февруари изнесува 4.348,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.

Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Анализирано по компоненти, растот во последниот квартал произлегува од нето-извозот, надополнет со натамошниот солиден раст и од личната потрошувачка, а умерен придонес има и јавната потрошувачка.

Бруто-инвестициите и натаму бележат висок реален пад, под влијание на падот на залихите поради високата споредбена основа од минатата година, што е поврзано со зголемените залихи на суровини и енергенти,“ велат од НБ.

Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Инфлацијата во февруари 3%

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Путин: Ако Украина добие ракети со долг дострел, Русија ќе гаѓа нови мети

Редакција

Продаден блок од 61.501 акција од „Трготекстил малопродажба“ за 97.000 евра

Редакција

(Фото) Македонија е најпребарувана локација на „Гугл“ , кога станува збор за место кое е поврзано со наградите за Оскар

Редакција