Црвениот крст во текот на вчерашниот ден беше дел од организацијата на погребите на трагично загинатите лица од пожарот во Кочани, информираа од таму.
“Беа ангажирани вкупно 165 волонтери кои дејствуваа како тимови за прва помош и психолошка поддршка, поставени пунктови и логистичка поддршка на сите места каде се извршени погребите, обезбедена погребална опрема и транспорт за починатите.
Свесни сме за ситуацијата и сочувствуваме со болката и тагата на погодените семејства, и остануваме посветени во обезбедување на поддршка на оние на кои им е најпотребна.
Црвениот крст на РСМ е во контакт со партнерските национални друштва од земјите каде се хоспитализирани повредените од пожарот каде им се обезбедува поддршка за семејствата на повредените.
Особена поддршка е понудена од организациите на Црвен крст на Србија, Бугарија, Словенија и Грција.
Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и Ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани.
Досега се собрани 43.149.360 денари. Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани,” се вели во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Отворена платформа за директна донација за семејствата на повредените во пожарот во Кочани
Фото: Фејсбук