Клиника Жан Митрев ја презема водечката улога во унапредување на здравите навики во Македонија, преку промоција на спорт што станува се попопуларен во светот – Walking Football, кај нас познат како Шутбал, информираат од таму.
-Под покровителство на Фудбалската федерација на Хрватска, екипата на Клиниката зеде активно учество на меѓународен турнир на островот Вис, каде што ја претставуваше Македонија со спортски дух и огромна посветеност.
Натпреварувајќи се со тимови од Хрватска, Австрија и Унгарија, нашиот тим остави силен впечаток со својата енергија, фер-плеј и професионалност, што резултираше со нови покани за учество на меѓународни турнири, велат од таму.
Шутбалот е повеќе од игра – тој е нова можност за луѓето од сите возрасти да останат физички активни, да се дружат и да се грижат за своето здравје. Се базира на правилата на традиционалниот фудбал, но со клучна разлика: нема трчање, се игра со одење, а акцентот е ставен на рекреација, тимска игра и социјализација.
Ова го прави идеален спорт за повозрасни лица, пациенти во рехабилитација, хронично болни, дијабетичари, хендикепирани, постари над 80 години старост, мешани тимови мажи и жени, како и секој кој сака да води активен и здрав животен стил.
Клиника Жан Митрев е основоположник на Walking Football во Македонија и веќе ја најавува својата заложба за организирање домашни и меѓународни турнири, посочуваат од таму.
-Целта е да се направи спортот достапен за пошироката јавност и да се поттикне изградбата на заедница која го негува здравиот начин на живот. Спортот бележи експанзија на светско ниво и е препознаен од страна на FIFA и UEFA како здравствено-корисна, инклузивна и безбедна алтернатива на традиционалниот спорт.
Клиниката ја презема одговорноста да ја води иницијативата за официјално втемелување на овој спорт во нашата земја, со јасна визија – да се создаде движење што ќе го негува спортот, здравјето и активниот животен стил, без разлика на возраста, велат од таму.