Проф. Дејан Трајковски кој редовно на Фејсбук прави анализи за Ковид-19 состојбата, овој пат се осврнува на ефикасноста на кинеските вакцини.
„Една, за мене изненадувачка, да не речам разочарувачка информација: вакцините базирани на инактивиран цел вирус (кинеските вакцини) НЕ создаваат клеточен имунитет, обратно од mRNA вакцината на Фајзер, на пример.
Значи, додека трае антителниот (хуморален) имунитет – трае, кога ќе престане, нема повеќе заштита и неопходна е ревакцинација. Нема што повеќе да се чека, едноставно нема клеточен имунитет и тоа е тоа.
Згора на се (веќе видовме тука во неколку пати споделениот труд од Nature Medicine), дека титарот на неутрализирачките антитела кај вакцината на „Коронавак“ од производителот „Синовак“ е најмалку 12 пати помал отколку кај mRNA вакцината и многу побргу „бледее“, (на сликите 1 и 2 во трудот).
Ефикасноста против детектабилен/симптоматски ковид кај нив изнесува 50% – 60%, но само на почетокот, непосредно по вакцинацијата, додека после 250 дена опаѓа само на просечно 15% (со интервал на доверба) – што практично е занемарливо.
Кај Синофарм од 75% опаѓа на 33%.Од друга страна, ефикасноста против тешка форма на болеста кај Коронавак опаѓа од 85% на околу 60% (со интервал на доверба). Да се види сл. 3 во оригиналниот труд во Nature Medicine за подобра претстава. Сето ова важи за „дивиот“, вухански сој. Кај новите варијанти е уште полошо.
Значи, ефикасноста не смее да се разгледува статички (како да е дадена еднаш засекогаш), туку динамички, односно променливо со текот на времето („лонгитудинално“, како што велат имунолозите).
Здравствените власти на Бахреин, Сејшелите, ОАЕ и Чиле ова не го знаеле кога започнале со вакцинацијата во јануари, ама ние сега го знаеме, не само од научните трудови, туку и од нивниот случај со избувнувањата кои не можат да ги сопрат со месеци.
Да не заборавиме дека тие ја користеле подобрата вакцина Синофарм, а не Коронавак, којашто ќе ја користиме ние започнувајќи од овој месец. Тогаш, зошто воопшто да започнуваме вакцинација со краткотраен ефект со Коронавак/Синовак, која ќе мора да се обновува на секои 250 дена? Навистина залудна, Сизифова работа.
И не, не се сите вакцини подеднакво добри. Некои се вистински добри и тоа на долг рок, а некои се одвај добри на почетокот, а потоа рапидно им опаѓа заштитата со текот на времето. Синтагмата „сите се добри, штитат од смрт“ со текот на времето се помалку важи. Втората парола: „иако нема антитела, има клеточен имунитет“, гледаме дека исто така не важи во случајот на кинеските вакцини со инактивиран вирус.
Понатаму, како ќе се натера населението на секои 8 месеци одново да оди на ревакцинација со таква краткотрајно ефикасна вакцина? Зар не е подобро од почеток да се започне со високоефикасни вакцини и потоа да не му ја мислиме? За малтретирањето на луѓето и тестирањата на антитела подобро да не зборуваме.
Да заклучиме, иако вакцините со инактивиран вирус нудат заштита, поради нејзиното слабеење со текот на времето потребно би било следење и периодични ревакцинации, што создава големи организациони проблеми. Не е лесно да се ревакцинираат најмалку еден милион граѓани на секои 9 месеци.
Затоа, подобро веднаш нека ги донираат тие Коронавак вакцини на некоја сиромашна африканска земја, каде опасноста од Ковид-19 секако е помала поради топлото време, каде тие вакцини би вршеле каква – таква работа.
Во продолжение се дадени линкови до една одлична публикација за вакцините од СЗО и споменатиот труд во научното списание Nature Medicine,“ пишува тој на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Трајковски