еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Кои се компликациите од голема кашлица, како се пренесува и лекува?

Бројот на заразени во Македонија од голема кашлица расте, а според последните официјални информации е најмалку 22. Експертите сметаат дека бројот на заразени е поголем.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Што е голема кашлица, кои се симптомите и како се пренесува

Најголем број од заразените се во Скопје, каде се очекува да биде прогласена епидемеја, како што побара Комисијата за заразни болести пред неколку дена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје, предлага Комисијата за заразни болести

Голема кашлица или пертусис е акутно, заразно респираторно заболување кое се карактеризира со напади на кашлица, а го предизвикува бактеријата Bordetella pertussis.

Како се пренесува големата кашлица?

Бактеријата која ја предизвикува големата кашлица може лесно да се пренесе од човек на човек преку капките кои се исфрлаат при кашлање, кивање или гласно зборување на заболениот. Помала е веројатноста, но болеста може да се пренесе и индиректно, преку свежо загадени предмети од околината на болниот.

Заболениот од голема кашлица, ако не се лекува, болеста може да ја пренесе на други лица до три недели откако се појавила кашлицата.

За да се појават први сиптоми после контакт со заболено лице потребно е да поминат обично 7 до 10 дена, а понекогаш до 21 ден.

Некои лица имаат благи симптоми или воопшто немаат симптоми на голема кашлица поради што најчесто не се поставува сомнение за ова заболување, но сепак тие може да ја пренесат бактеријата на други лица, особено на почетокот на болеста кога се најзаразни.

Кој има најголем ризик за заболување и компликации?

Највисок ризик за заболување и компликации имаат новороденчињата и доенчињата кои не се вакцинирани, иако може да заболат лица од сите возрасти, посебно лицата кај кои поминале повеќе од пет години после завршената вакцинација/ревакцинација.

За разлика од овчите сипаници или малите сипаници, едно лице од голема кашлица може да се разболи повеќе од еднаш во животот. Стекнатиот имунитет после прележување на болеста или после вакцинација не е доживотен.

Кои се симптомите?

Болеста има три стадиуми:

Првот стадиум го карактеризираат симптоми слични на настинка во траење од 1 до 2 недели, со течење од нос или затнат нос, благо покачена температура (до 38°C), кашлица и отежнато дишење. Додека кашлицата и отежнатото дишење не се карактеристични симптоми кај доенчињата – најчесто воопшто не кашлаат, кај нив се јавува апнеа (продолжени паузи во дишењето кои можат да бидат живото-загрозувачки) и цијаноза (помодрување) како резултат на апнеите.

Вториот стадиум го карактеризираат напади на кашлица (пароксизми), придружени со карактеристичен свиреж при вдишување или  ̎зајдување ̎. Епизодите на кашлица се јавуваат нагло, силни се и зачестено се повторуваат, траат долго и се истоштувачки. На почетокот се јавуваат обично ноќе и често се придружени со повраќање.

Нападите на кашлање генерално се влошуваат и стануваат почести како што болеста продолжува. Овој стадиум може да трae од 2 до 6 недели, па дури и до 10 недели.

Третиот стадиум е стадиум на опоравување кога кашлицата станува поблага и поретка и трае 2 до 3 недели, но може да трае и многу подолго, понекогаш со месеци.

Компликации од голема кашлица

Компликации на голема кашлица се: пневмонија, воспаление на средното уво, губење на апетит, дехидратација, конвулзии, оштетување на мозокот, хернии, фрактури во пределот на градниот кош, пролапс на крајот на дебелото црево, епизоди на респираторен застој.

Големата кашлица предизвикува сериозни компликации, а понекогаш и смртен исход кај децата помали од една година. Една третина од децата помали од една година кои ќе се разболат од голема кашлица имаат потреба од болничко лекување. Кај нив, најчести компликации се апнеа (живото-загрозувачки престанок на дишење), пневмонија (воспаление на белите дробови), конвулзии (грчеви), енцефалопатија (оштетување на мозокот), а кај едно од 100 заболени може да има смртен исход.

Компликациите се помалку сериозни кај поголемите деца и возрасните, особено кај оние кои претходно биле вакцинирани против голема кашлица.

Лекување

Антибиотска терапија е лек на избор за големата кашлица. Терапијата ја одредува лекарот по поставување на дијагнозата, зависно од возраста и состојбата на заболениот. Ран третман со антибиотици ќе ја направи болеста помалку сериозна и ќе го спречи ширењето на бактеријата на други лица.

Не се препорачува лекување, особено земање антибиотици на своја рака.

Превенција

Најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата.

Вакцинацијата против голема кашлица во Македонија се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).

Примарната серија на вакцинација се врши со три дози на комбинирана вакцина (Hexaxim или Pentaxim). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеци, втората доза  на возраст од 4 месеци и третата доза на возраст од 6 месеци.

Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, со давање на една доза Pentaxim на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст, со апликација на една доза комбинирана вакцина Tetraxim.

Вакцината против голема кашлица на препорачанатa возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест.

Останатите мерки за превенција спаѓаат во групата на општи мерки за превенција кои се практикуваат за сите респираторни заболувања.

Препораки

Ако се сомневате дека Вие или Вашето дете ги има опишаните симптоми на голема кашлица, треба да побарате лекарска помош кај вашиот матичен доктор.

Лицето со голема кашлица може да биде заразно 4 до 5 недели по почетокот на болеста. Третманот со антибиотици, може да го скрати заразниот период и да го намали ризикот од ширење на инфекцијата на други луѓе.

Лица кои имаат или се сомневаат дека имаат голема кашлица треба да се држат настрана од новороденчиња, доенчиња и мали деца, за време на лекувањето.

Постапката со лица кои се во близок контакт со лица заболени од голема кашлица е многу важен дел во спречувањето на понатамошното ширење на оваа болест.

Извор: Институт за јавно здравје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Ципрас на „гости“ кај пријателот Заев

Редакција

(Фото) Кои се мажите на годината

Редакција

До сега попишани вкупно 1.619.857 лица, 503.491 домаќинство и 711.695 станови

Редакција