Повеќе од половина од малите и средните претпријатија (МСП) во Македонија очекуваат подобрување на економската активност во нивниот сектор во текот на наредната година, покажува истражувањето спроведено во рамки на Годишниот извештај на Агенцијата за поддршка на претприемништвото (АПП), информираат од таму.
И покрај инфлацијата и растот на цените кои и понатаму претставуваат главен предизвик за стопанството, голем дел од менаџерите изразуваат умерен оптимизам во однос на следната година.
Иако, 34% од компаниите забележале умерено подобрување, 38% од испитаниците сметаат дека економската активност во нивниот сектор останала непроменета. Овој амбивалентен став резултира со зголемена претпазливост кај компаниите во однос на идните вработувања и инвестиции.
Помалку од 20% од испитаниците вложиле во нови инвестиции или лансирале нови производи, додека мнозинството го задржале истиот број на вработени. За да се справат со ефектите од инфлацијата, дел од компаниите прибегнале кон зголемување на цените на своите производи.
Проблемите со зголемените цени на инпутите, нарушениот синџир на набавка и ограничениот пристап до финансии, остануваат клучни предизвици. Една четвртина од испитаниците, главно микро претпријатијата, со помалку од десет вработени, посочиле дека имаат сериозни потешкотии со пристапот до финансиски средства.
Сепак, директорката на АПП, Даниела Димовска, истакнува дека истражувањето е спроведено пред постигнувањето на договорот за кредитната линија со ниски камати од унгарскиот кредит, кој се очекува значително да ја подобри оваа состојба.
Истражувањето открива и дека две третини од испитаниците имаат минимална интеграција на новите информатички технологии во своите процеси. Во оваа насока, Димовска најавува дека дигиталната трансформација ќе биде главен приоритет во мерките на АПП за 2025 година, со цел да се зголеми конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија.
Истражувањето е спроведено од консултантската фирма „Маркет Висион“ во октомври годинава, на стратицифиран случаен примерок на мали и средни претпријатија, со интервал на доверба од 95% и статистичка грешка од 5%. Резултатите се основа за Годишниот извештај на АПП.
Фото: Unsplash