Подобро запознавање со проблемот, но и размена на искуствата поврзани со булингот, ќе бидат овозможени на работилниците наменети за родители што и следната година ќе ги организира „Макпетрол“, информираат од таму.
Изминативе месеци компанијата реализира седум вакви едукативни средби на кои учествуваа над 1.500 родители. Настаните опфатија 10 од вкупно 26 општини што досега се приклучија и ја поддржаа општествено одговорната кампања на македонскиот бренд кој речиси 80 години е лидер во својот пазарен сегмент.
– Најзасегнати од булингот несомнено се децата и учениците, но родителите, заедно со наставните и со стручните служби во училиштата, се тие што најмногу можат да помогнат кога овој проблем ќе се појави.
Нашата кампања придонесе комуникацијата за врсничкото насилство да стане поотворена и похрабра во Македонија, но свесни сме дека за оваа тема и натаму не е лесно да се зборува, особено од аспект на родител.
Имајќи го ова предвид, искрено сме благодарни за секој родител што учествуваше на работилниците и особено ни е драго што беше голем бројот на тие што ги споделија своите лични искуства и гледишта поврзани со булингот.
Тоа ни укажува дека вредноста на ова што го правиме е препознаена, односно ни потврдува дека во нашето општество постои свест за овој проблем и желба заеднички да го решаваме. Ние ќе продолжиме да придонесуваме за ова прашање, но и за многу други, особено за тие што ги засегаат децата и младите, вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Работилници за родители досега се одржаа во Штип, каде што учествуваа и граѓани од Свети Николе, потоа во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, каде што учествуваа и граѓани од Виница и од Берово.
Водител на овие настани е Сашко Коцев, а за стручниот дел од темата е задолжен психологот Деспина Стојановска. На секоја од овие средби учествуваа и членови на стручните служби на основните училишта, кои од своите искуства зборуваа за проблемот со булингот.
Едукативните средби со родителите се организираат по работилниците предводени од психолог, а кои „Макпетрол“ ги организира во повеќе од 150 училишта. Ученици од 26 општини што се приклучија на општествено одговорната кампања активно учествуваа во овие работилници. Преку нив, тие ги продлабочија своите познавања за физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството како форми на булинг. За учениците, но и за нивните родители и за стручните служби во училиштата, компанијата испечати и достави и едукативни прирачници.
Општествената одговорност е меѓу носечките стратешки приоритети на „Макпетрол“. Со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ компанијата изминатава година значително го зголеми интересот во јавноста за проблемот со булингот. Младите ќе бидат клучен дел и од идните општествено одговорни активности на „Макпетрол“, велат од таму.