еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

МНТ ја започна новата театарска сезона, се подготвува претставата „12“

Македонскиот народен театар, новата театарска сезона 2024/2025 година ќе ја започне со отворање на новата сцена – летната сцена „Славиша Кајевски“, со патувања и гостувања надвор од државата, гостувања во МНТ, како и реализирање на премиерни изведби, информираат од таму.

На 4. септември официјално започнаа подготовките за претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.

Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците.

Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.

Во претставата, која е дел од годишната програма на националната установа МНТ за 2024 година, ќе игра моќна машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов.

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото се на Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив. Премиерата е закажана за октомври.

Фото: Кристијан Теодоров

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Предлог преговарачката рамка, без Протоколот, стаса во Собранието, седница се уште не е закажана

Редакција

Реплек со раст на приходите од продажба од 20% во првата половина од 2024

Редакција

Драстичен раст: Инфлацијата во јуни 14,5%

Редакција