Прво, како претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), но исто и како вработен во една високо професионална институција, ги поздравувам потезите на Владата да се „чешлаат„ вработувања и со самото тоа и досегашното работење на М-НАВ, укажувајќи дека тоа всушности и беа нашите синдикални барања до сега, пишува Александар Тасевски на неговиот Фејсбук-профил.
„Би сакал да му се заблагодарам на премиерот Ковачевски што некој најпосле ги послуша нашите барања со сериозност, а не како во минатото, сето тоа да остане на празни ветувања.
Што се однесува до инсинуациите за семејни вработувања и непотизам, во конкретниов случај посочен јас и моето семејство, стојам на располагања, на сите институции, и ревизии, со соодветни документации, лиценци и обуки, завршени во странство, и кај нас.
Како дел од нив, би напоменал многу-бројни обуки во Еуроконтрол, центри за обука за контролори на летање во Америка, почетното школо за контрола на летање во Белград, постојани проверки на теоретско и практично знаење и способност, лиценци за инструктор и за испитувач…
Набројувам само мал дел од образовните институции низ кои сум поминал, со цел да се објасни во јавност, дека моето школување за контролор на летање, започнало многу пред М-НАВ дури и да постои како компанија, во далечната 1993. година.
Како дел од фелата на контролори на летање, успеав, и се уште настојувам да помогнам со моето стекнато знаење, да ја усовршам професијата, себе си, па и компанијата, давајќи удел од самите почетоци кога М-НАВ како компанија прооде за прв пат.
Фактот што татко ми, посочен исто во изјавата, бил претходно вработен во полето на авијацијата, од времето на бивша Југославија, па после и во М-НАВ, но јас сепак бев „принуден“ да ги поминам сите тие обуки, курсеви, испити и препреки, укажува на професионалноста од негова страна, доблеста и дисциплината што ни ја втемели во нашиот карактер.
Од таму и потекнува борбеноста, љубовта и желбата за максимална професионалност во контролата на летање, за која што продолжувам и понатаму да се залагам да се применува за секој еден кој што сака да биде дел од нашето воздухопловно семејство, без разлика дали е „нечиј“ или „ничиј“.
Овој факт, би требал да биде пример за пофалба, а не за критика и дефокусирање од вистинските проблеми во М-НАВ,“ пишува Тасевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
М-НАВ е станата семејна фирма, и затоа се случуваат конфликти како по дома, вели Ковачевски
Кој е Милан Кораќ, предлог на Владата за нов секторски директор во М-НАВ
Кој е Хекуран Асани, предлог на Владата за нов директор на М-НАВ
Фото: А1он