Идниот мандатор за состав на влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по бројните заканувачки изјави од политичари од соседството за почитување на меѓународните договори на кои е потписник државата, денеска изјави дека идната влада ќе води принципиелна политика со нив, која ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“.
-Вие сте свесни дека дека против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните народи во Европа. Организацијата која што има често и привилегијата да ги брани интересите на еден од најмалобројните народи во Европа – македонскиот народ, треба да е мудра.
Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни.
Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8. мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу, туку и дома, рече тој.
Мицкоски ги повика сите на Балканот на заедничка соработка, но потенцираше дека новата влада нема да води политика на понижување на самите себе.
-Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови.
Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници, рече тој и посочи дека отфрла било какво беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Новата влада да го користи самото името Северна Македонија, предупредува Мицотакис
Фото: ВМРО-ДПМНЕ