еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Новиот роман-басма на Оливера Ќорвезироска – „Три Марии“ е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски

Новиот роман-басма на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Романот ќе биде промовиран на 2. април (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на отворањето на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“.

Промоторка на книгата ќе биде Илина Јакимовска, а извадоци ќе читаат актерките Катерина Коцевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Симона Димковска.

„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело.

Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот…

Уште една референца и посвета на Славко Јаневски е дизајнот на корицата на книгата, каде што е употребен детаљ од неговата слика „Бош“. Дизајнот на корицата го направи Марко Трпески.

„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него…

Поднасловот роман-басма во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла… како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај.

„Се движев меѓу редовите неприсилено, водена со некоја магија, со цврста, а левтерна рака. Некои парчиња начисто ме одушевија со суптилниот опис на душевната состојба“ – напиша Оливера Николова за романот „Три Марии“.

Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник.

Автор е на следните книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија); „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница); „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика); „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни); „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни). Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.

Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.

Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ССМ поднесе предлог за минимална плата од 18 илјади денари од 1 јануари, доколку нема резултат ќе повика на генерален штрајк

Редакција

Поевтинува мазутот, цените на другите горива остануваат исти

Редакција

Лидија Георгиевска нов претседател на Вишиот управен суд

Редакција