еМагазин
Image default
Забава

Откажан фестивалот Skopyard, организаторите најавуваат судски процес со Град Скопје

Организаторите на фестивалот Skopyard информираат дека планираниот градски фестивал Skopyard е откажан за периодот од 12 до 16. јуни и ќе мора да почека подобри времиња.

Со тоа Скопје и скопјани останаа посиромашни за петдневна забава со несекојдневен концепт и реномирани изведувачи, велат од таму.

„Skopyard претставува целосно нов концепт на реализација на настани од страна на лица кои повеќе од две декади реализираат успешни настани. Вон музичкиот дел, во Skopyard даваме огромен акцент на пропратните фестивалски содржини во кои се вклучени голем број на работилници и креиравме пред сé едно големо релаксирачко место за дружење.

И тоа со бесплатен влез, достапно на сите. За првпат на Skopyard ќе добиевме позната интернационална организација која преку своите креативни и визуелно инсталации не учи да рециклираме лименки и дека алуминиумот вечно може да се рециклира.

За првпат на Skopyard ќе претставевме 28 светлечки тела од кои повеќето со висина над 5 метри ќе го направеа амбиентот несекојдневен“, велат организаторите.

Што се случи, по хронолошки редослед, според нив.

„Концептот на Skopyard е утврден и по него се работи од рана есен 2023 година.

Со оглед на тоа што фестивалот е со бесплатен влез логична локација за одржување е градскиот парк во Скопје, за што во март оваа година беше побарано од град Скопје информација за слободни термини и резервација за локацијата Wembley.

По потврда на достапноста на термините и локацијата, официјално преку архива поднесено е барање за издавање на дозвола на 18. април 2024 година.

Телефонски ни е потврдено дека локацијата ни е резервирана за која исто така имаме докази, бидејќи други компании кој го сакале да го користат тој термин биле информирани дека истата е веќе резервирана за Skopyard.

По електронска пошта добиена е потврда од службите во град Скопје со направена пресметка за уплата на комуналии, според површината која ја користиме и деновите на присуство, како и детали за сметките на кои треба да се извршат уплати и да дојдеме физички да го подигнеме решението.

Извршена е уплата согласно насоките надомест за комунална такса (35.000 денари), како и надоместот за чистење на јавни тревни површини заради организирање на настан (50.000 денари), но при подигање на решението (за кое имаме електронска порака дека е изготвено), од нам непознати и необјаснети причини истото најдиректно од самата градоначалничка, е стопирано и не е предадено.

Зошто некој би барал од вас да платите комуналии на 2 градски институции, доколку барањето не ви е прифатено,“ велат организаторите

Во однос на наводите во соопштението на Град Скопје, тие велат дека никогаш, ниту во еден момент, ниту преку електронска пошта, ниту усно, ниту официјално, ниту неофицијално не е добиено никакво објаснување, ниту укажување, ниту предлог за други локации од страна на град Скопје, ниту за причините за стопирање на решението, ниту пак одговорија на барањата за средба од наша страна, велат тие.

„Во врска со обвинувањата за контејнерите коишто требаше да бидат поставени, должни сме да ја известиме јавноста дека тие контејнери се наменети за поставување на трева, бидејќи не ја оштетуваат – стојат на ногари со ширина од 15 см, и 18 дрвени штандови со ногари од 10 см, што значи дека вкупната тревна површина која ја покриваме со директен контакт за 12 контејнери е 1,56 м.

Ние од Skopyard се грижиме пред сé за зеленилото, па затоа договоривме на самиот настан учество да земат и градинарски центри.

Фестивалот Skopyard ја имаше целосно затворено финансиската конструкција преку учество и спонзорство од околу 30 различни излагачи на храна и пијалаци и помали и поголеми компании за реализација еко-активности преку ден. Фестивалот нема „обид да се оправда пред лицата на кои го најавувал“ како што се вели во соопштението од градот, туку да му се извини на Скопје, зошто ќе остане сиво и мрачно, за што очигледно треба да се оправда нашата градоначалничка.

И за крај, судската разврска ќе ја чекаме ние од Skopyard, кои вложивме средства за продукција на под за да не се гази тревата, за дрвена ограда за да одговара на амбиентот, за дрвени штандови за го разубавиме паркот, во осветлување и светлечки елементи со кој ќе го украсиме градот, за договорите со изведувачите и учесниците и ред други нешта,“ додаваат од таму.

Град Скопје информираше дека „Skopyard од 21. март без претходно добиена согласност најавувал дека на 12. јуни организира фестивал во Градскиот парк во Скопје“.

„Согласност за поставување од страна на Град Скопје не е издадена, бидејќи е утврдено дека истите имале намера во зелен појас во Градскиот парк во Скопје да постават 12 контејнери од 1,5 тон секој, кои би се транспортирале во зеленилото со товарни возила и истоварале со виљушкар. Од страна на службите беше укажано дека има локации на кои нема да се уништи зелен појас, а на кои може да се одобри одржување на настан.

Имајќи во предвид дека во јавноста од страна на SkopYard е невистинито претставено одржувањето на настанот, а истиот воедно во обид да се оправда пред лицата на кои го најавувал настанот лажно клевети дека имал добиена согласност од Град Скопје, што е во целост невистинито, бараме јавно извинување и повлекување на изнесеното, во спротивно градот ќе покрене постапка за докажување одговорност пред надлежен суд,“ велат од Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ПМГЏЕЗ со три концерти во живо во МКЦ Скопје

Редакција

Пародија на протоколот за свадби: Свекрвата задолжително да биде на дистанца од снаата 100 метри

Редакција

Утревечер 3Д концертен спектакл во МОБ – „Профундис“ и солистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки ќе настапат на „ГРУВ“

Редакција