еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Потпишан Меморандум за соработка меѓу АТС Груп и турската МКЕ за соработка во одбранбената индустрија

АТС Груп – македонска компанија од одбранбената индустрија денеска потпиша меморандум за соработка со МКЕ – најголема државна компанија од индустријата на Турција.

Меморандумот го потпишаа Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ, и Шефшет Демировски – сопственик и извршен директор на АТС Груп.

Како што истакнаа потписниците на меморандумот, со оваа соработка ќе се поттикнат активностите на двете компании и ќе се зголеми нивното присуство на меѓународниот пазар, особено во Турција и Македонија.

Соработката вклучува трансфер на технологија, техничко знаење и експертиза за производството и подобрување на производствените капацитети, модернизација на производни линии, подобрување на извозните можности, заеднички истражувања за зголемување на извозниот потенцијал на меѓународните пазари, обука и техничка помош, развој на програми за обука и подобрување на техничка експертиза.

Исто така, меморандумот ќе опфати и заедничко вложување и отворање нова фабрика за производство на барут во Македонија со заеднички инвестиции на двете страни што ќе овозможи отворање на нови работни места.

На настанот присуствуваа министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, и заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Хеибет Муса.

Муцунски истакна дека целта на меморандумот е да воспостави рамка за соработка и решенија за одбранбената индустрија, вклучувајќи стратешки активности и производство на производи од одбранбената индустрија. Како што рече, партнерството на двете компании е од големо значење за државата како членка на НАТО.

Потпишувањето не е само деловна одлука, рече Муцунски, туку силна порака за доверба во нашите индустриски капацитети и признание за кадровскиот потенцијал.

Заменик-министерот за национална одбрана на Турција Хеибет Муса искажа задоволство од потпишувањето на меморандумот „кој е стратешки чекор што дополнително ќе ги зајакне односите на двете сојузнички и пријателски земји“.

Како што рече, не само што претставува документ за техничко партнерство, туку и доказ за пријателство и доверба меѓу Македонија и Турција. Од се срце верувам, рече тој, дека нашата соработка ќе придонесе кон целите за одржлив развој и дека договорот ќе биде корисен а нашите две земји и за целиот регион.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дали Љупчо Палевски Палчо убил и другпат?

Редакција

Хелсиншкиот комитет и Млади правници нудат бесплатна правна помош за граѓаните кои ќе пријават проблеми со здравствениот систем

Редакција

Нови судии во Апелационен суд Гостивар и во Апелационен суд Штип

Редакција