На 12 и 13. мај, во хотелот „Мериот“ во Скопје, ќе се одржи 14. издание на Самитот на Македонија2025.
На настанот се очекува да присуствуваат над 550 гости, домашни и меѓународни лидери, претставници на домашни компании и компании од регионот и дијаспората, претставници на академската заедница, невладини организации, како и млади лидери.
Официјалното отворање на Самитот е закажано за 12. мај со воведни обраќања на претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и извршната директорка, проф. д-р Никица М. Блажевски.
Главните теми на Самитот ќе бидат обработени во 14 панел сесии на кои ќе учествуваат 36 врвни говорници од Македонија и светот.
Фокусот ќе биде ставен на потребата од забрзан економски раст и моделите, како тој да се оствари, како и на дигиталната трансформација, иновациите, привлекувањето странски инвестиции и борбата против корупцијата.
На панелите и преку интервјуа со глобални и домашни лидери, ќе се дискутираат конкретни решенија и добри меѓународни практики за конкурентна, одржлива и поврзана Македонија.
Во рамки на Самитот, ќе се организираат и пет лидерски средби, два настани за вмрежување и осум засебни обуки и работилници за компании, млади таленти и владини институции. На овие настани ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025.
Активностите поврзани со Самитот ќе завршат на 15. мај.
Самитот на Македонија2025 е регионален настан со најдолга традиција чија цел е размена на искуства и нови трендови, вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората, како и инспирирање на промени во Југоисточна Европа.