Во новиот извештај „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“, Светска банка за Македонија препорачува одење во пензија подоцна и зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ).
Од таму велат дека земјата има пензиски дефицит и дека без реформа, тој уште повеќе би се зголемил, па Светска банка дава неколку препораки, кои опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (т.н Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот.
Овој комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики, од Светска банка се посочува дека би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити.
Во делот на даноците, Светска банка предлага зголемување на стапката на ДДВ од сегашните 18 на 19 проценти и отстранување на повластената стапка за сите стоки, освен за основните производи.