еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

ТАВ Аеродроми: Вработените на Охридскиот аеродром исчистија еден километар од брегот на Охридско Езеро

Под слоганот – „Чистиме денес, за одржливо утре“, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, утрово организираше акција за чистење долж брегот на Охридското Езеро, како проактивен потег кон одржливост и одбележување на Денот на Охридско Езеро, кој е утре на 21, јуни, информираат од таму.

Почнувајќи од пешачката патека „Лабино“, преку вливот на реката Грашница во Охридското Езеро, кон плажата Магнус, до вливот на реката Даљан во езерото, во должина од приближно еден километар, 30-тина вработени од охридскиот аеродром волонтираа во чистењето на крајбрежјето и придонесоа за почиста животна средина.

Волонтерите – вработени на аеродромот Св. Апостол Павле Охрид го собраа ѓубрето оставено и насобрано на овие плажи, односно, пластиката и хартиениот отпад, отпадоците и другите загадувачи кои со текот на времето се насобрале на овој дел од брегот на езерото.

„Оваа иницијатива ја одразува посветеноста на ТАВ Аеродроми за позитивно влијание во заедниците каде што работиме. Во соработка со локалните чинители и Општина Охрид, како и со нашите колективни напори, имаме за цел да помогнеме во зачувување на убавината на Охридското Езеро и промовирање на култура на еколошка свест“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Откако вработените од охридскиот аеродром завршија со чистењето, според договореното со Општина Охрид, јавното комунално претпријатие ги презеде вреќите со собраниот отпад за соодветно одложување.

Охридското Езеро, дел од светското наследство на УНЕСКО, познато по својата природна убавина и еколошко значење, има посебно место во срцата и на локалното население и на посетителите.

Препознавајќи ја важноста од зачувувањето на ова природно богатство, ТАВ Македонија ги мобилизира своите ресурси за да иницира сеопфатен обид за чистење и да ја промовира еколошката свест, еден ден пред Денот на Охридското Езеро, велат од таму.

Иницијативата за чистење е дел од пошироката корпоративна општествено одговорна програма на ТАВ Аеродроми, која се фокусира на иницијативи кои промовираат одржливост на животната средина, развој на заедницата и социјална благосостојба, велат од таму.

Со активно вклучување во проекти корисни за општеството и животната средина, ТАВ Аеродроми се обидува да ја исполни својата корпоративна одговорност и да придонесе за посветла, позелена иднина за генерациите што доаѓаат, посочуваат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

По изборите во Бугарија Брисел се надева што поскоро да започнат преговорите со Македонија

Редакција

На Комисија во Собрание изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница

Редакција

Кривичната е притисок кон мене и сите обвинители, вели Русковска, која конкурирала за нов мандат за шеф на ОЈО – ГОКК

Редакција