Уставниот суд кој извесен период имаше проблем со избор на потребниот број на судии, останува без еден, откако Управниот суд пресуди дека изборот на судијката Елизабета Дуковска во 2023 година бил незаконски.
Судскиот совет тогаш го ускратил правото на еднаква можност на останатите кандидати да се претстават и за нив да се гласа, откако констатирал дека Дуковска го добила потребното мнозинство и ја прекинал постапката, а потоа таа во македонското Собрание беше избрана за уставен судија.
Тужител беше судијката Антоанета Димовска, која тогаш беше една од трите кандидатки за уставен судија, a сега е член на Судскиот совет.
Сега Судскиот совет треба да почне нова постапка за избор на уставен судија.
Дуковска меѓудругото е известител за Законот за јазици, со што се отвара прашањето за можно одложување на одлуката на Уставен за употребата на јазиците, бидејќи Судот донесе заклучок дека за овој предмет мора да одлучува во полн состав на судии.
Фото: Уставен суд