еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Запалено возилото на новинарот и сопственик на М-нет од Штип, Благој Серсемов

Синоќа е запален автомобилот на Благој Серсемов, новинар и сопственик на регионалната телевизија и онлајн медиум, М-нет, од Штип.

Возилото било запалено во дворот на неговата семејна куќа.

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудија вандалскиот чин, посочувајќи дека сторителите ризикувале да нанесат и поголема штета во смисла на изложување на потенцијален ризик по безбедноста на членовите на семејството на Серсемов и на неговите соседи.

-Ваквиот чин на вандализам претставува сериозна закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и напад врз слободата на говорот и правото на јавноста да биде информирана.

Затоа, ЗНМ го повикува МВР веднаш да преземе мерки за целосно и брзо расветлување на случајот, идентификување и санкционирање на сторителите.

Освен ова, колегата Серсемов има и правни притисоци оваа година и тој се соочува со неосновани тужби за клевета за што адвокатите на ЗНМ го застапуваат во Основниот суд во Штип.

Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјава во целост, велат од ЗНМ.

За овој случај ЗНМ ќе ги извести и меѓународните новинарски организации кои ги следат правата и медиумските слободи.

Од Основното јавно обвинителство Штип информираа дека постапуваат и издале наредби и насоки за расчистување на случајот.

-Наредбите се да се извршат соодветни вештачења со кои ќе се утврдат причините за пожарот и идентификација на можен сторител на евентуално кривично дело. По наредбите и насоките, постапува Министерството за внатрешни работи и вешто лице од Дирекцијата за заштита и спасување.

Дополнително, дадени се насоки да се изврши проверка дали постојат евентуални снимки од видео надзор на подрачјето на кое е опожарено возилото, велат од таму.

Фото: ЗНМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трета жртва во сообраќајката на автопатот Штип-Миладиновци, почина и 37-годишна жена

Редакција

СОНК ги доведува во заблуда штрајкувачите и ги става личните интереси пред интересите на децата​, велат од Министерство за труд и социјална политика

Редакција

Филипче ќе почека да заврши истрагата и ќе донесе одлука за оставка

Редакција