Апелациониот суд Скопје зголеми дел од казните на обвинетите за несреќата кај Ласкарци, која ја предизвика неисправниот автобус на „Дурмо турс“, во која загинаа 16 лица, информираа од таму денеска.
Затворската казна на сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули од четири години, која претходно му ја изрече Кривичниот суд, е зголемена на 10 години.
На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари затворската казна од шест е исто така зголемена на 10 години, а од пет на по седум години казна затвор е зголемена казната за вработените во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.
Казните на третиот вработен во станицата за технички преглед, Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски остануваат исти, пет и 14 годни казна затвор.
Несреќата се случи во 2019 година, откако автобусот на „Дурмо турс“ изгуби контрола и падна во дупка покрај автопат.
Според обвинението, Белули, своите автобуси ги прегледувал во станица за технички преглед која е во негова сопственост. Законот тоа му го дозволувал оти станува збор за различни правни субјекти, иако фирмите имале ист сопственик.
На техничкиот преглед пред несреќата било утврдено дека сопирачките на автобусот функционираат делумно.
Оваа пресуда е правосилна и обвинетите треба да одат на издржување на затворската казна.
Целото соопштение на Судот, ОВДЕ.