еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

2020 година беше огромна животна лекција: Среќата не поставува услови

2020 година ме научи некои нови лекции и ми го утврди и потврди знаењето од претходно стекнатите како животно искуство, не од прочитани книги, иако можеби така ќе звучат.

На сите стравови, неизвесност, грижи што годината ги донесе научив да ја чувствувам среќата со уште поголем интензитет од претходно.

Годината само ми потврди дека среќата е индивидуална работа, и тврдам дека таа е, или не е, само во нас. Во нашата способност да ја почувствуваме или не, да ја видиме или не, да ја задржиме или отфрлиме. Среќа беше да се издржат и новите околности на неможност да се дружиме со семејството, пријателите, драгите луѓе, но од друга страни свесни дека тоа е за наше и нивно добро.

Среќна сум кога оние кои ги сакам ми се здрави. Годинава, на оваа среќа многу почесто ми текнуваше кога се нервирав за глупости, отколку која било година претходно. Среќна сум што сум здрава, бидејќи еден период го имав изгубено здравјето. И многу добро ја знам неговата цена, која е бесценета. Лекција, чие што знаење само ми се потврди во 2020 година.

Во 2020 како и сите други стравував за најблиските заради вирусот, но со секој изминат ден сочувани од него, ми беше доволна причина за среќа.

Најмногу стравував за сестра ми. Како матичен лекар кој не лечеше пациенти со Ковид-19 преку телефон, туку во ординација, знаев дека кога тогаш ќе заболи. И така би, предновогодишно. Цело семејство. И сега сум среќна дека се дома, сите на куп. Поминуваат, без некои поголеми компликации.

Секоја емоција на страв, ја елиминирав со фактичката состојба. И тоа е нешто што и претходните години го правев, бидејќи причини за загриженост секогаш имало и ќе има.

Но кога се живее во сегашниот миг и ќе се погледне околу себе, треба подлабоко да се разбере зошто вагата превагнува на онаа страна за која нема реални причини за грижа, освен ако навистина има.

Лично, ме прават среќна многу мали работи, кои ми се случуваат на дневно ниво. Од утро до вечер, во живеењето на сегашниот миг. Не некоја фантазија за во иднина, па ако ми се случи ќе бидам среќна. Ако патувам таму, ќе бидам среќна. Ако си го купам тоа, ќе бидам среќна. Не. Среќата не бара условување.

Убава порака, насмевка, шега, радоста на најблиските, грижата за нив, моето време посветено на нив, искажувањето љубов колку ми значат.. Безусловно давање себе, без да очекувам ништо за возврат. Одамна престанав да планирам за да бидам среќна, бидејќи на многупати се уверив во онаа „Ако сакаш да го насмееш Господ, само кажи му што планираш“.

Патувањата ме прават среќна, но затворените граници во 2020 година не ме направија несреќна бидејќи не можев да посетам некоја нова дестинација. Напротив, го видов како можност да посетам многу места во државата за кои претходно сум немала време. Уживав во неоткриените природни убавини во државата и уште повеќе почнав да го ценам она што го имаме.

Преживеавме и без големи шопинзи, и без патувања, и без дружења кои полека ќе се вратат. Преживеавме без оние претходни условувања за кои мислевме дека ако се случат ќе бидеме среќни.

2020 година одржа голема лекција на тоа поле.

Ни покажа што значи меѓусебната поддршка како семејство и пријатели во најтешките моменти. Ни покажа колку таа емотивна врска значи, а која притоа беше изгубена во материјалниот свет кој веќе беше неподнослив со неговиот консумеризам.За миг не натера да застанеме во тоа бесцелно итање, да седнеме, да се видиме со себе и со тие кои ни значат.

Искрено жалам и сочувствувам со семејствата на сите 2.488 починати како последица од Ковид-19. Тие најдобро разбираат дека среќата не поставува услови.

Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пановски за „еМагaзин“: Идеално и најоптимистичко сценарио за „омикрон“ е да се шири брзо и да не дава смртен исход-сите други сценарија се загрижувачки, но и поверојатни

Силвана Жежова

Висок напон кој дошол до трансформаторот – причина за пожарот во Блок 3 во РЕК „Битола“, покажуваат првичните наоди

Редакција

Зоран и Вице Заеви регистрираа Фондација Заев – едно општество за сите

Редакција