еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

575 милиони евра потрошени за автопатот Кичево-Охрид, кој се уште не е завршен, открива Државна ревизија

Државниот заводот за ревизија (ДЗР) во извештајот за работењето на Јавното претпријатие (ЈП) за државни патишта за 2022 година, меѓудругото открива дека за автопатот Кичево-Охрид, кој се гради 10 години, а кој се уште не е завршен, заклучно со ноември лани се потрошени 575 милиони евра.

– На крајот на 2022 година, вкупните инвестиции во делницата изнесуваат 31.597.364 илјади денари (приближно 512 милиони евра), а истите до ноември 2023 година достигнуваат износ од 35.490.802 илјади денари (приближно 575 милиони евра), стои во извештајот на ДЗР.

Од таму посочуваат дека недостатоците во проектната документација, нерешените експропријации на земјиштето, како и недоволните човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на процесот на изградба и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените.

-Во ноември 2013 година склучен е договор меѓу ЈП за државни патишта (инвеститор) и правен субјект кој е основан според законите на НР Кина (изведувач) за изградба на автопатот А2, делница Кичево – Охрид.

Со одредбите од договорот определено е најдоцна до јануари 2018 година да се изгради делница со должина 56,7 км, со вредност од 411 милиони евра (приближно 25 милијарди денари).

Со извршените анализи на документите од деловните книги на претпријатието, укажувањата добиени од надзорниот орган на проектот, како и спроведениот теренски увид, ги утврдивме следниве состојби: во периодот од мај 2018 година до декември 2021 година донесени се пет измени на основниот договор за изградба на патната делница, при што биле склучени анекси кон договорот.

Со анексите, пролонгиран е крајниот рок за завршување на изградбата за шест години, односно определено е изградбата да заврши до декември 2023 година, а за изведување на дополнителните и непредвидени работи, зголемена е вредноста на основниот договор за 187 милиони евра, поради што вредноста на изградбата на патната делницата изнесува вкупно 598 милиони евра.

На таков начин договорената цена на чинење на еден километар патна делница од 7,3 милиони евра, била зголемена за 44% и изнесува 10,5 милиони евра, стои во извештајот на ДЗР.

Од таму посочуваат дека до крајот на 2022 година, реализацијата на изградбата на автопатот Кичево – Охрид согласно доставените времени ситуации, изнесува 66% од вкупната вредност на склучениот договор или 397 милиони евра, а овој податок заклучно со завршените работи во август 2023 година изнесува 72% (429 милиони евра).

-При реализација на договорот за изградба, направени се 42 варијации коишто произлегуваат од измени и дополнувања на Основниот проект поради појавени непредвидени и дополнителни работи и истите предизвикале зголемување на вредноста на основниот договор за 45% (187 милиони евра) и пролонгирање на временскиот рок за изградба на патната делница.

Напоменуваме дека до денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на додатни финансиски средства, стои во извештајот.

Од таму велат дека од спроведениот теренски увид, направените снимања со дрон и доставените извештаи од надзорниот орган, утврдиле дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба.

-На втора делница тунелот Пресека завршена е конструкцијата (примарна и секундарна). Во моментот се работи на инсталирање на електрика и вентилација во тунелот.

На дел од делницата оставен е градежен материјал, за кој и надзорниот орган во своите извештаи давал препораки за негово отстранување, велат од ДЗР.

Во извештаите како основни причини за забавената динамика за изградба на делницата, покрај недостатоците на проектот се наведуваат и задоцнета експропријација поради нерешените имотно- правни односи, како и дополнителна експропријација на земјиштето поради појавена потреба од ублажување на косините на усеците, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти (далекуводи, електро-преносни и комуникациски водови, водоводни и канализациони инсталации), како и индивидуални станбени и стопански објекти кои се совпаѓаат со трасата на делницата, одобрувањето на нови одлагалишта на земја, поради очекуван зголемен ископ во усеците и засеците при ублажување на косините кои се нестабилни и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

-Имајќи ја во предвид обемноста и значајноста на проектот патна делница Кичево – Охрид, наведените состојби укажуваат на потреба од поаналитички пристап при планирањето на проектите, поголема подготвеност при започнување и реализација на делници со голема должина, системски пристап и навремено обезбедување на потребната документација за започнување и реализација на проектот, велат од таму.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сребрен медал и две олимписки пофалби за македонскиот тим на Европската јуниорска олимпијада по информатика

Редакција

(Фото) Претседателот Пендаровски ја посети Алкалоид

Редакција

Жито лукс ја зголеми добивката за 41%

Редакција