еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

„Охрид ЅОЅ“ предупредува на нова закана за езерото: Марина во Студенчишко блато не смее да има

Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ категорично се противат на неодамна објавениот проект за уредување на просторот на Студенишкото блато на Охридското Езеро, оценувајќи го за нестручен и мегаломански.

Според нив, вториот предлог за уредување на просторот на блатото кај Студенчишкиот канал не само што е штетен по животната средина, туку е поголем и помегаломански од претходниот.

Тие велат дека „нема ништо прогресивно во штетна урбанизација на милиони години стар еко-систем, чиешто уништување значи уништување и на езерото“.

„Во суштина идејата е инвазивен упад во драгоцен и последен од својот вид функционален екосистем. Наводниот „одржлив“ економски модел опфаќа илјада паркинг-места за возила (тоа се 4.000 посетители!) и стотици паркинг-места за пловни објекти на секаков тип на гориво.

Тоа значи драстично зголемено количество на отпад, драстично зголемено количество на токсични материи, потенцијални хаварии, што предизвикуваат загадување на водата, зголемена бучава, трансформација и фрагментација на живеалиштата, но и вештачки бранови што ќе го нарушат животот во езерскиот литорал, а водат до ерозија на брегот, зголемување на седиментите како и намалена бистрина на водата со што директно се влијае врз опстанокот на рибите.

Неколку од овие појави ја потпомагаат еутрофикацијата, односно деградацијата, на езерските води. Сиот овој непотребен и дополнителен антропоген притисок ќе се предизвика во и онака деградираната средина на блатото“, укажуваат од „Охрид ЅОЅ“.

Според нив идејата да се прокопа Блатото за марина – е многу далеку од доменот на општествено одговорното управување, но затоа, многу длабоко во доменот на приватните лични интереси на само неколкумина сопственици на пловни објекти во Охрид.

Активистите од „Охрид ЅОЅ“ ги прозваа уште и Министерството за култура и Општина Охрид дека поддржале таков проект, наместо своите активности да ги насочат кон одржливо управување со блатото, со забелешка дека „единствен туризам кој таму може да се одвива е научниот, едукативниот, но не и масовниот, а сигурно не елитниот“.

Тие се согласни за потрбата од интервенција во блатото, но не во насока да се гради туку во насока да се исчисти вештачки нафрланиот шут и отпад, да се дислоцира општинското комуналното претпријатие со расадникот, езерската полиција и Центарот за обука на води на АРМ, како и да се отстранат хаварисаните пловила оставени во каналот од страната на Блатото и да се воспостават соодветни канали за комуникација со Езерото за да се врати нивото на водата неопходно за негова ревитализација.

„Тоа мора да се направи со највисока технологија и под надзор на претставници од Рамсар бидејќи во Македонија сѐ уште нема стручни лица строго специјализирани за блатни екосистеми. Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ бара да биде присутна на секоја, и најмала, интервенција врз блатото““, порачуваат активистите на иницијативата, повикувајќи се на ставот на експертите дека марина за пловила во Блатото и во негова близина не смее да има.

Од иницијативата уште најавуваат дека ќе испратат официјално протестно писмо до сите надлежни институции во земјава и во странство за опасноста од какви било нестручни интервенции во блатото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Медицински отпад, картонски и пластичен смет расфрлан низ гробиштата во Бутел

Редакција

Хаварија во велешки „Благој Ѓорев“, мазут заврши во Вардар

Редакција

Инспектори зеле мостри за анализа од „црвената вода“ во Вардар

Редакција