Од 15 ноември, почнува да важи обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15 март наредната година, потсетува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg, се подразбира, зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 х 4), подразбира, зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 mm).
Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.
Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg, подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
РСБСП со препорака: Користењето на соодветна зимска опрема во голема мера придонесува за безбедно одвивање на сообраќајот при зимски услови на патиштата. Согласно тоа, секој возач треба да користи соодветна зимска опрема пред се заради лична заштита, безбедно одвивање на сообраќајот и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.