Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Рекет“.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да се продолжи со презентирање докази, а на ред се снимки доставени од сведокот Јордан Камчев во Обвинителството.
На минатото рочиште беа презентирани фотографии од предмети одземени при претресот на домовите и работните простории на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, како и од претресот на домот на Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина.
Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милески за „примање награда за противзаконито влијание“.
Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.
МИА