Прераспоредените работници на новите работни места во Министерството за внатрешни работи да постапуваат по одлуката на министерот Наќе Чулев, одлуката на Владата за поништување на новите решенија не е валидна, се вели во известувањето на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Како што соопшти МВР, Чулев денеска ги известил прераспоредените работници дека согласно член 47 став 1 од Законот за организација на работата на органите на државната управа со работата на Министерството раководи министерот.
Во известувањето, министерот навел дека согласно член 30 од Законот за Влада, Владата има право и должност да укине или поништи прописи или други акти на Министерството, органите на државната управа и управните организации, кои не се во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно прописи на Владата.
„Имајќи ги превид наведените одредби, со Одлука на Владата може да се поништи пропис или акт на министерството, кој не е во согласност со Уставот и законот, а не може да се поништи конкретно решение за распоредување на работникот, бидејќи истите не се прописи и од тие причини не може да бидат поништени од Владата, туку се поништуваат со соодветна постапка од работен однос. Во интерес на законските прописи, потребно е да постапувате единствено и исклучиво во согласност со истите“, се вели во известувањето од Чулев.
Тој нагласува дека одлуката на Владата со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во Министерството за внатрешни работи е противзаконска и донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите кои го регулираат работењето на Владата.
Чулев, преку известувањето, на вработените кои се прераспоредени им укажува дека постапување спротивно прописите повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување што е казниво согласно одредбите на Кривичниот законик и затоа, како што посочува, вработените да ги почитуваат исклучиво законските одредби за хиерхиската поставеност и одговорност.
Министерот денеска на својот Фејсбук профил обвини дека со оваа одлука премиерот Оливер Спасовски и Владата се мешаат во работата на Министерството за внатрешни работи што, според него, претставува грубо кршење на правниот поредок на државата и мешање во независноста на Министерството.
„Оливер Спасовски беше избран за Претседател на Владата која треба да овозможи спроведување на парламентарните избори, а ваквото мешање од негова страна и од страна Владата во моите ингеренции како министер за внатрешни работи се прави со цел да се создаде хаос и комплетна дисфункционалност во работењето на Министерството за внатрешни“, пишува Чулев на профилот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата поништи 89 распоредувања во МВР на министерот Наќе Чулев
Фото: МВР