еМагазин
Image default
Македонија

Ќе им се суди на Вељаноски, Јанакиески, Ристовски: Почнува судењето за организаторите на „27 април”

Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието, почнува денеска пред Кривичниот суд во Скопје.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Според Јавното обвинителство (ОЈО), осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија (ДИК), а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите.

Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство.

Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови.

Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање (УБК), донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија, што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје.

Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се наведува во обвинението од ОЈО.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јовески: Обвинителството има отворено предмет за висок функционер во Владата, за државен секретар во едно од министерствата, за обвинители и судии

Редакција

Иако беше најавено дека до 15 мај сите пријавени ќе добијат термин, помладите сепак ќе почекаат за вакцина, најави Филипче

Редакција

Жан Митрев ги демантира обвинувањата за наводен скандал со детската кардиохирургија

Редакција