еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Судот во Стразбур пресуди во полза на сопствениците на станови исклучени од централното греење

Европскиот суд за човекови права оцени дека Северна Македонија не го заштитила имотот на лицата кои не сакале да ја подмират фиксната сметка за топлинска енергија на исклучените станови од мрежата за централно греење, јави дописникот на МИА.

Тужителите Стрезо Стрезовски, Цане Николовски, Ацо Спасовски, Јосип Јуван, Зоран Костовски, Трајанка Накевска, Енвер Исени и Соња Налбанти – Димоска, кои се државјани на Северна Македонија, со место на живеење во Скопје, се пожалија дека биле должни според националните регулативи да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна сума за затоплување на нивните станови, иако тие веќе не биле поврзани со мрежата за греење.

Сите тужители се сопственици на станови во станбени згради кои се поврзани со мрежа за централно греење, управувана од приватни добавувачи. Нивните станови беа исклучени од оваа мрежа или на нивно барање или на барање на поранешните сопственици пред 2012 година, датумот на влегување во сила на регулативата со која се обврзуваат корисниците кои веќе не се поврзани со мрежата да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна годишна претплата.

Во 2013 година, Уставниот суд оцени дека одредбата од оваа регулатива е во согласност со Уставот, оценувајќи дека оваа фиксна наплата е цената, која што корисниците кои се исклучени од мрежата мораа да ја платат за топлината што ја примаа индиректно од другите станови во зградите загреани од мрежата.

Домашните судови, се посочува, го потврдија ова толкување и ги отфрлија граѓанските постапки на жалителите со кои тие ја сопреа наплатата на фиксната претплата за која се жалеа. Особено судовите сметаа дека, како индиректни потрошувачи, од апликантите се бараше да го платат фиксниот износ, без оглед на нивните индивидуални околности.

Во 2018 година, Врховниот суд го ограничи обемот на ова толкување со исклучување на плаќање на надоместокот за одредена категорија станови доколку се исполнети одредени услови.

Потпирајќи се на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имотот), жалителите тврдеа дека нивната обврска да ја платат спорната такса го нарушила нивното право на сопственост.

Според Судот од Стразбур, во овој случај имало прекршување на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права. Притоа е одлучено на жалителите да им се исплатат следните суми: по 1.000 евра на Исени и Налбанти-Димоска за нематеријална штета, како и 320 евра на Стрезовски, 2.100 евра за Исени и 360 евра на Налбанти-Димоска за трошоци.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Задолжителна вакцинација на здравствените работници планира Србија

Редакција

Давидовиќ: Да беше некој друг на местото на Јанева, ќе беше во притвор

Редакција

Новиот поглавар на ИВЗ, Шаќир Фетаху позитивен на Ковид-19

Редакција