Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница одлучила да поведе прекршочна постапка за поранешните обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Стевчо Донев, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Љубомир Лапе, бидејќи, како што велат од Комисијата, континуирано примале дополнителни приходи (надоместоци) и за истото по надминување на вредност од 20 просечни плати не пријавувале промена на имотната состојба со што постапиле спротивно Законот за спречување на корупцијата.
„Согласно Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси на ДКСК предмет на проверка се анкетните листови на поранешните обвинители на СЈО.
Во постапката за утврдување на фактичката состојба Државната комисија за спречување на корупцијата прибави податоци од Министерството за финансии од кои констатираше дека поранешните обвинители од СЈО континуирано примале дополнителни приходи (надоместоци) и за истото по надминување на вредност од 20 просечни плати не пријавувале промена на имотната состојба со што постапиле спротивно со член 85 од ЗСКСИ.
Тргнувајќи од наведеното ДКСК заклучи да поведе прекршочна постапка за следните лица Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Стевчо Донев, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Љубомир Лапе“, информираат од ДКСК.
Комисијата на денешната 29-та седница врз основа на добиени сознанија одлучила и да отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на РСМ, Даниел Димевски, кој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице Турд Олимпик ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале“ со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил буџетот на РСМ.
Врз база на добиени сознанија од медиумите за значителен прилив на странска и домашна помош (донации) за времетраењето на вонредната состојба како што и претходно информираше, ДКСК одлучила да преземе конкретни дејствија во насока на прибирање на релевантни информации за начинот на кој се користи доделената странска и домашна помош.
Исто така, Државната комисија за спречување на корупцијата оформила и предмет по сопствена иницијатива за испитување на нерегистрирани средства за дезинфекција кои се нашле во употреба.
Антикорупциската комисија информира дека продолжува по нејзиното постапување по предмет оформен по пријава со наводни за сомневање за незаконски постапувања на Поглаварот на Исламската Верска Заедница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциска: Желбата за правда ме води низ животот
Пратениците за 5 години потрошиле речиси 3 милиони евра за патни трошоци, соопшти Антикорупциска
Судењето за „Рекет“ одложено поради појавата на корона вирусот во затворот Шутка