Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција најави дека во подготовка се анализи во врска со акцизата на нафтените деривати, вклучително и за екстра-лесното гориво.
– Дали решението што ќе биде предложено до Владата ќе биде изедначување или покачување на цената на нафтата, дополнително ќе излеземе и информираме, рече Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Министерството за финансии во однос на барањето на Стопанската комора да се изедначи цената на акцизата за екстра-лесното гориво со акцизата за дизелот.
Таа смета дека среќна околност е драстичниот пад на цената на нафтата, односно падот на малопродажните цени од 20 денари, додавајќи оти кое решение и да го донесат, нема да биде скроено да удри по џебот на граѓаните.
– Треба да бидеме реални и да согледаме дека компаниите на почетокот на годината кога ги правеле финансиските планови не предвиделе волкав пад на цената на нафтата, ако зборуваме за зголемување на цената секако ќе излеземе со бројките и со точното решение кое е најправедно, а ќе ги земеме сите фактори предвид, и што ќе значи ако малопродажната цена се зголеми за да може да падне цената на акцизата.
Се работи за една антикризна мерка на којашто работиме заедно со Царинската управа, добро ќе ја обмислиме, и секако ќе информираме за кое е предлог решението, додаде Ангеловска.
МИА