Голем број граѓани на социјалните мрежи објавија фотографии од градежните активности во Старата скопска чаршија каде во тек е замена на старата калдрма на дел од уличките.
Станува збор за проект во рамките на јавниот оглас „Проекти за локална и регионална конкурентност” преку кој Општина Чаир уште во март, 2018 година обезбеди грант од 820.000 евра од Европската Унија и администриран од Светската Банка.
„Општина Чаир има аплицирано во првиот повик со проектот „Промоција на туризмот во Стара Скопска Чаршија„ во рамките на “проектот за локална регионална конкуренција“ финансиран од грант на Европската Унија и администриран од Светската Банка, за реализација на инвестиции во туристичката инфраструктура со цел подобрување на туристичките капацитети.
Проектот „Промоција на туризмот во Стара Скопска Чаршија“ ги опфаќа следните главни активности:
1.Реконструкција на калдрмата во главната улица на Старата Чаршија. Со проект се предвидува да се реконструираат 1.800 м2 калдрма.
2.Реставрација на 75 дуќани во Чаршија во кои во минатото беа извршени неадекватни интервенции од страна на сопствениците и други субјекти и имаат деградирано културното наследство.
3.Поставување на натписи по објектите.
4.Поставување на тенди по објекти.
5.Виртуализација на Старата Скопска Чаршија – Апликација за идентификација и опис на спомениците во Чаршија. Исто така оваа апликација предвидуваа и инсталација на апликација за мапирање на историските и културните споменици во Чаршија.
6.Целосна сигнализација на Старата Чаршија.
7.Организација на меѓународните конференции на граѓаните со Старата Чаршија и размена на искуствата во рамките на ревалитализација на ориенталните Чаршии.
Вкупната вредност на проектот е 50.445.052 денари.
Рокот за имплементација на проектот според правилата на Светската Банка е 18 месеци“, соопшти тогаш општина Чаир.
„еМагазин“ веќе пишуваше дека општина Чаир по распишаниот тендер за конзервација, санација и адаптација на излози во Старата скопска чаршија склучи договор со друштвото за производство, инженеринг, услуги и трговија „Конструктор“ ДОО експорт-импорт Скопје.
Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 11.466.716 денари или околу 186.000 евра.
Ирзаботката на проектите за за конзервација и реставрација на калдрмата и сигнализацијата ги доби друштвото за проектирање, производство, трговија, туризам и услуги ЈОРД ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.
Фото: Фејсбук/Јана Јакимовска/Божидар Трпков