По информацијата дека градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски е позитивен на Ковид-19, а кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово, од Владата преку соопштение информираат дека премиерот Оливер Спасовски и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев, кои присуствуваа на состанокот, во моментов одат во домашна изолација.
Претходно веќе беше соопштено дека во домашна изолација одат и министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот Бујар Османи.
Како што соопштија од владината прес-служба, на состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитувале протоколите за заштита и носеле заштитна опрема.
„Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација.
Во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување“, се наведува во соопштението од Владата.
Воедно во текстот се посочува дека Владата била подготвена и за вакво сценарио.
„Владата на Република Северна Македонија беше подготвена за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација. Работата на Владата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци.
И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот“, стои во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Од денеска ќе бидам во домашна изолација
Османи оди во самоизолација, и покрај проценката на епидемиолозите дека бил заштитен
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски заболен од корона вирусот
Фото: Влада