еМагазин
Image default
Македонија

Караџовски: Го амортизиравме првиот удар на епидемијата, но битката не е завршена

Намалениот морталитет, леталитет којшто ги следи европските и светските трендови е еден од факторите што не натера да размислуваме за олабавување на рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот Ковид-19 во прва, втора, па евентуално и во трета фаза, образложи вечерва на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски.

Го амортизиравме првиот удар на епидемијата, но, истакна Караџоски, битката не е завршена.

-Превентивните мерки коишто ги предложивме како што се физичкото дистанцирање од два метри, носењето на заштитна респираторна маска, дезинфекција и често миење на рацете треба да бидат присутни и во наредниот период, бидејќи примерот на Бразил покажува оти топлото време и сувата клима не го убива вирусот, рече Караџовски на денешната прес-конференција во Владата на која беше најавено олабавување на рестриктивните мерки.

Тој посочи дека во последните 14 дена почнавме да правиме анализи на седумдневен и на 14-дневен период.

-Тоа ни овозможува на соодветен начин да реагираме при донесување на каква било одлука, а во исто време и да ја следиме континуирано епидемијата од првиот случај, од 26 февруари, па до денешен период.

Во последните 14 дена имаме од 10 до 40 регистрирани случаи на дневно ниво или просечно 24. Инциденцата се движи од 0,9 до 30, односно 6,8 на 100 илјади жители во нашата држава.

Констатиравме дека имаме и 113 смртни случаи, меѓутоа последниве 14 дена многу драстично се подобрува и имаме само 1,1 смртни случаи на дневно ниво, што е многу подобро отколку во оние држави во коишто се уште има десетици и стотици случаи, потенцира Караџовски.

Процентното учество на позитивните тестови во последните 14 дена, додаде, се движи од 2,7 до 8,7 отсто или просечно се 5,7 отсто на 14-дневно ниво.

-Уште пред повеќе од месец дена рековме дека кога ќе достигнеме некаде околу 5 отсто од овие тестови да бидат позитивни зрело е времето да почнат да се олабавуваат мерките. Еве сега имаме просечно 5,7 отсто, посочи Караџовски.

Во изминатите 14 дена, како што кажа, направени се 6.063 теста за дијагностика на Ковид -19, односно близу 1.500 тестирања на еден милион жители.

-Ако на почеток на епидемијата имавме еден алгоритам којшто ни кажуваше дека треба да ги следиме оние лица коишто имаат позитивна симптоматологија или лица коишто имаат симптоми, а биле во непосреден директен контакт, сега ја менуваме нашата шема и одиме на многу пошироко тестирање на населението.

Веќе сме во функција на повеќе од 2.000 направени теста кај лицата што работат во градинките. Исто така, правиме напори да ги тестираме и лицата што се вклучени во домовите за стари лица, појасни Караџовски.

Тој најави дека во периодот што следи ќе се тестираат и здравствените работници, таксистите, возачите од ЈСП Скопје, АРМ, полицијата.

-Ќе направиме повеќе од 10 илјади тестирања се со цел да видиме каков е скринингот на нашето население и дали дел од овие лица се сигурни за да продолжат со спроведување на својата активност…

СЗО побара од нас во своите алгоритми 60 до 80 отсто од кластерите да ги имаме под контрола. Овие кластери во последните 14 дена се движеа просечно од 40 до 95 отсто.

Тоа во пракса значи дека немаме новорегистрирани случаи, и дека ги контролираме случаите коишто се регистрираат во нашата држава. СЗО направи една пресметка за секоја држава во Европа и ние спаѓаме во државите во коишто репродуктивниот број или Р-0, односно колку лицето што е инфицирано може да инфицира лица со коишто ќе дојде во непосреден контакт, изнесува од 0,7 до 1,2, во моментов ние сме 1,1, појасни Караџовски.

Тоа, како што додаде, биле клучните аргументите од кои се водела Комисијата за заразни болести за да предложи олабавување на рестриктивните мерки и укинување на полицискиот час.

Медиумските работници и трудниците не биле земени во предвид со иницијалниот план за тестирање, но како што најави министерот за здравство Венко Филипче одлука за такво нешто ќе се носи зависно од состојбата.

-По индикација, во зависност од состојбата мислам дека индивидуално може да се цени тоа и врз основа на тоа да се носи одлука во однос на трудниците, медиумските работници, генерално може да бидат земени во предвид иако во иницијалниот план не беа ставени во Комисијата за заразни болести.

Сметам дека еве и од оваа интензивна комуникација видовме дека се сосем коректни и добро се придржуваат до превентивните мерки, рече Филипче, во одговор на новинарско прашање.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Краџовски не очекува зголемување на бројот на заразени со корона вирусот

Државниот карантин се заменува со домашна изолација со негативен тест на Ковид-19

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Само овластениот предлагач може да води пропаганда за референдумот

Редакција

„Свети Филипче“ му возврати на Владиката Петар за причеста со едно лажиче: „Зачудува вашата реторика и негрижа“

Редакција

(Видео) Мијалков негира поврзаност со „Рекет“ и дека дал пари за „Империја“

Редакција