Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска имаше средба со претседателите на Основното и Вишо Јавно обвинителство. На средбата градоначалникот бил информиран за преземените мерки од нивна страна и наредбите кои ги имаат издадено до надлежните инспекторати за постапување и контрола во правните и физичките лица.
– Досега за непочитување се изречени над 170 казни, но сите се согласивме дека превенцијата како пристап би била многу покорисна мерка од репресивната, вели Бочварски.
Апелираше фабриките, банките, но и институциите да воведат Ковид координатор со цел контрола и дисциплина на вработените и граѓаните во текот на работното време.
– Вашиот Ковид координатор да води грижа за групирањето во објектите, но и пред самите објекти, со цел да се запре групирање на граѓани. Сакам да ја информирам јавноста дека денеска очекувам во Штип да имаме и двоцифрен број на оздравени граѓани. Имаме и 440 граѓани кои се во самоизолација. Во Клиничката болница во Штип имаме 20 граѓани – позитивни на вирусот, рече Бочварски.
Тој истакна дека во изминатиот период како локална власт се постојано на терен и имаат акции за дезинфекции не само во централното подрачје, туку и низ населбите, како и на објекти, каде што граѓаните најмногу се групираат за извршување на своите обврски.
Во текот на изминатото деноноќие според податоците на СВР – Штип на 48 лица им се издадени решенија за изолација, а 18 лица потпишале изјави за самоизолација.
Од страна на полициски службеници извршени се 561 контрола кај лица во изолација и 69 кај лица во самоизолација, а две лица не ја почитувале мерката за изолација. За неносење на заштитна лична маска регистрирарни се 44 прекршоци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лекар од штипската Брза помош позитивен на корона вирусот
МИА/Фото: Општина Штип