Влошената состојба во економијата поради здравствената криза имаше соодветен ефект и врз Буџетот на Македонија (централниот буџет и буџетите на фондовите), укажува Народната банка во најновиот извештај за макроекономските показатели.
Имено, во мај 2020 година е забележано значително годишно намалување на буџетските приходи, при истовремено зголемување на вкупните буџетски расходи.
Намалувањето на приходите од 24,4% во целост произлегува од пониските даноци, неданочните приходи и придонесите, при зголемување кај останатите приходи.
„Даночните приходи во мај беа пониски за 28,2% на годишна основа, како резултат на пониските приливи кај сите ставки. Буџетските расходи беа повисоки за 11% на годишна основа, што во целост произлегува од повисоките тековни трошоци, при намалени капитални трошоци.
Тековните трошоци во мај се зголемени за 14,8% на годишно ниво, најмногу заради растот на трансферите, додека единствена ставка којашто се намалува се трошоците за стоки и услуги“, се вели извештајот.
Во периодот јануари – мај 2020 година, вкупните буџетски приходи се пониски за 8,9% во споредба со истиот период од претходната година. Намалувањето во првите пет месеци во најголем дел е резултат на пониските остварувања кај даноците и неданочните приходи, додека придонесите забележаа зголемување.
Од друга страна, вкупните буџетски расходи се повисоки за 7,9%, што се должи пред сè на повисоките тековни трошоци.
„Остварениот буџетски дефицит во периодот јануари–мај 2020 година од 18.903 милиони денари (или 2,8% од номиналниот БДП) во најголем дел е финансиран од домашно задолжување на државата, а во помал дел преку користење странски заеми, при што мал дел од приливите се задржани како депозити на државата кај Народната банка“, се вели во извештајот.