Првиот работен ден на конференцијата на угледниот „Економист“ во Атина го завршуваме со заедничка констатација дека во критични времиња, предизвикани од пандемијата со Ковид-19, народите од Европа мора да бидат здружени во справувањето со заканата по здравјето на граѓаните, на јавното здравје, на економијата и на општественото живеење, напиша на својот Фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.
Тој вчера се сретна со експремиерот на Грција, Алексис Ципрас и поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд.
„Со мојот пријател и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас и со поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, на свечената вечера се согласивме дека ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина.
Пандемијата со Ковид-19 значително го промени нашето секојдневие, но заедно сме тука за да станеме посилни, за да ја совладаме и победиме заканата која предизвика здравствена, економска и социјална криза.
Заеднички ја исцртуваме стратегијата за да излеземе од кризата посилни и со продлабочено пријателство од справувањето со кризата“, напиша Заев.
Претходно тој имаше работна средба во однос на изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа.
„Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира пошироко во регионот и во земјите кои ќе покажат интерес“, вели Заев.
Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Атина, денеска ќе оствари средби со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Македонската делегација предводена од Заев со владиниот авион пристигна во Атина
Фото:Фејсбук/Заев