еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Медицинска сестра од Прилеп за личното искуство со Ковид-19: Не му го посакувам ова трауматично искуство ниту на најголемиот непријател

Прилепчанката Христина Гулеска е медицинска сестра. И мајка на три деца. Жена која се соочила со најголемиот предизвик, поточно голготата на 21 век – коронавирусот.

Таа е меѓу првите прилепчани кои се соочија со големиот животен предизвик. Како и нејзиниот сопруг, кој беше во крајно тешка животна ситуација.

Христина со голема доверба ја раскажува приказната – како се избориле со Ковид-19. Вели, заболела, со сите симптоми и сите одрекувања.

– Заболев, ги имав сите симптоми: температура, кашлица, стегање во градите. Почна тешкото животно патешествие. Се изолирав од ќерките. Само ми носеа храна до вратата. И толку. Не смеев да ги доведам дополнително во опасност. Неизвесност, тешки психички премрежја со денови, вели Христина.

Не му го посакувам ова трауматично искуство ниту на најголемиот непријател, вели Христина. Уште потешко беше кога заболе сопругот. Од нигде-никаде, тој имаше тешка клиничка слика.

– Прво беше хоспитализиран на Инфективното одделение во прилепската болница. Цело време имаше тешка клиничка слика. Имаше опструктивна бронхопневмонија. Беше на кислородна поддршка. Четиринаесет дена беше на одделението и секој ден беше посебна приказна. Посебна битка за живот и молба за помош.

И кога мислевме дека е подобар, на 15. ден, во краток период од неколку часа, настанаа компикациите од вирусот. Итно беше префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Таму беше уште 15 дена. Цело време со тешка клиничка слика, со агресивна терапија и со кислородна поддршка.

Само тој знае, ние бевме само морална поддршка, како издржа еден месец во неизвесност за животот. На моменти ми вели молев за воздух, молев за помош. Тоа не може да го заборавиме никогаш, вознемирено раскажува Христина.

-Сега сме, фала богу, здрави, живи. Сите пет члена на семејството, додава таа.

– Ја поминавме најголемата животна битка. Јас полесно, сопругот излезе како победник во оваа нерамноправна животна борба. Сега нема компликации. Сметам дека сме супер. Така ќе се бориме да остане, вели со солзи во очите Христина.

За Христина големо е прашањето: дали ќе беше полесно за сопругот ако примеше конвалесцентна плазма? Ама тоа време беше почеток на пандемијата. Немаше можност.

Тоа ја отвори потребата – да се помогне. Безрезервно како да им се помогне на оние кои ја преживуваат истата голгота. Најстрашното беше – да не знаат во моменти каков ќе биде исходот од битката. Затоа, без исклучок се зацврсти уверувањето – мора да помогнеме. Ама како?

Вели ја приграбиле иницијативата на Институтот за трансфузиона медицина за дарување конвалесцентна плазма. Преживеаните и оздравените, да им даруваат плазма на оние кои ја водат битката за здравјето. Одличен начин да се помогне.

– Без двоумење ја прифативме поканата на Институтот за трансфузиона медицина да даруваме плазма. Јас по тестирањата можев да дарувам, сопругот не, зашто имаше тешка клиничка слика.

Всушност, не е едноставно да се дарува. Тестирањата мора да бидат во ред. Неизмерно беше задоволството кога добив одговор – може да дарувам плазма, раскажува Христина.

За Христина животна определба стана – по неповторливото искуство со короната, мора да се направи нешто. А можноста да се дарува плазма е вистинскиот одговор на молбите како да се променат нештата. Таа има и емотивен апел.

– Чувството дека може да се помогне некому е неописливо. Апелирам до сите кои имаат искуство со коронавирусот, кои ја поминале таа голгота, да даруваат плазма, да помогнат некому, зашто животот оди нагоре, а не надолу.

Надежта е пресудна, а неограничена е кога знаете дека некој е подготвен безрезервно да ви помогне. Тоа му го посакувам секому – чувството дека не е сам и дека има други кои се грижат за него, вели Христина.

Христина емотивно ги преживува искуствата на нејзиното семејство со коронавирусот. Среќа е, вели, и свесна е за тоа што се сега живи и здрави. Целото семејство.

– Дури сега, со пандемијата, почнавме сериозно, ама крајно сериозно, да ги сфаќаме пораките – ајде, здравје, па ќе видиме. Или да сме здрави и живи. Никогаш не смееме да го земаме тоа „здраво за готово“. Здравјето е кршливо. А нашата немарност – загрижува, вели Христина.

Таа е една од 16-те прилепчани кои се одѕваа на апелот на Институтот за трансфузиона медицина за дарување конвалесцентна плазма. Го посетивме Одделот за трансфузија при прилепската болница.

Речиси метеж во чекалницата, секој по своите потреби. Приказната нè донесе во просториите да запрашаме дали прилепчани се хумани. Особено што во последно време се соочуваме со зголемени бројки, предизвици со пандемијата.

Трансфузиологот и раководител на одделот, д-р Виолета Јованоска, без задршка вели – никој не одбива да биде хуман.

– Верувајте, никој не рече не, не можам, не смеам. напротив, секој беше расположен да дарува, објаснува Јованоска.

Прилеп има преку 700 случаи на корона-заболени од почетокот на пандемијата. Во првите фази се околу 300. Од нив, се земени предвид стотина, шеесетина се тестирани, а одговараат 16 доброволци.

– За дарување конвалесцентна плазма може да стане збор речиси по еден месец од оздравувањето. Тука е вклучен периодот на тестирања. Битно е дека мора доброволниот дарител да ги исполни сите критериуми, да добие можност да биде дарител.

Веќе 16 прилепчани даруваа конвалесцентна плазма. И никој не одби, не рече дека не може. Тоа е хуманост, тоа е за пофалба. Ние постојано работиме на обезбедување можност да им се помогне на заболените.

Крвната плазма од заболени е позната метода одамна кај заразните заболувања. И, се чини, во вакви ситуации, најсигурна. Ние продолжуваме со акцијата, а таа добива на значење овој период на есента и во пресрет на зимата. Апелот до доброволните и хумани граѓани останува, објаснува трансфузиологот Јованоска.

Заминуваме од Одделот за трансфузија со една мисла: големо е делото на сите кои даруваат. Крв, крвна плазма. Прилепчанката Христина докажува – хуманоста останува, желбата да се помогне на другите се чува како морална доблест на овие простори.

Помислата на Христина дека ако имало некој да му дарува плазма на сопругот, да му олесне да преживее и да ја преброди заразата, ќе било сѐ поинаку, ја доведува до одлуката без дилема – другите може да поминат полесно ако некој се грижи и мисли за нив, оти ова пандемиско зло не избира. Најбитен е човечкиот живот. И сознанието дека има избор и поддршка.

Никој не смее да биде сам во најтешките моменти во животот, особено ако за таквата ситуација никој не е виновен.

Христина и сопругот се пример дека никој не треба сам да се соочува во најтешкото. Надежта за живот останува.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„На премиерот му треба советник за советници“: Твитер реакции за тоа кој го советува Заев

Редакција

Војската на Србија собори комерцијален дрон над касарна во Рашка

Редакција

Психолошка поддршка во „Песталоци“ за децата, родителите и наставниците

Редакција