Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ апелира медицинските сестри да не бидат изоставени од здравствените тимови, особено од оние кои се наградувани, како во случајот со добитниците на наградата „13ти Ноември“ што ја доделува Град Скопје за успешно извршување на првата трансплатација на срце во нашата земја.
„Ние сме горди на сите колеги од тимовите, сите успеси се и наши успеси но, не можеме да го премолчиме фактот дека често се заборава дека во здравствените тимови спаѓаат и медицинските сестри.
Впрочем ние сме и носители на здравствените тимови, најважната алка во целиот здравствен систем. Во моментов кога се уште немаме закон за професијата и имаме само еден член во Законот за здравствена заштита кој не опишал како дел од здравствените тимови, деградирачки е дури и тој да не биде испочитуван.
Ја прашуваме комисијата која за награда го одбрала тимот кој ја извршил првата трансплатација на срце каде се медицинските сестрите на списокот? Зарем тимот го сочинуваат само докторите? Инсистираме медицинските сестри да бидат достојно прикажани како што и заслужуваат,“ се вели во реакцијата.
Од таму ја истакнаа и листата на медицински сестри кои беа дел од тимот, а на кои, како што велат се особено горди и кои претставуваат пример за професионалност на идните кадри: мед.тех. Слаѓана Гроздановска, мед.тех. Јелена Жарковиќ, дип.мед.тех Имран Елези, мед.тех. Мартина Караѓоска, мед.тех. Кристина Николовска – инструментарки од УК за Државна Кардиохирургија, мед.тех. Магдалена Станчева, мед.тех. Анита Колевска – анестетичарки од УК за Државна Кардиохирургија, мед.тех Александра Темелковска,мед.тех. Бранко Чочек, мед.тех. Игор Каевски – перфузионисти од ЕКЦ тимот на Жан Митрев Клиник, дип.мед.тех Катерина Ристовска, дип.мед.тех. Александра Ристовска Тунев – инструментарки од Жан Митрев Клиник и дип.мед.тех. Весна Наумовска – анестетичарка од Жан Митрев Клиник.
„Во оваа година на сестрите, прогласена од Светската здравствена организација срамно е да се молиме за да ни се признае трудот, срамно е да го немаме законот за професијата и да бидеме само бројки за смена и ротација.
Покрај толку јавни епитети за нашата работа: островот на спасот, херои, промотори на здравјето, здравствени воспитувачи… недолично е се уште да бидеме на маргините и да се злоупотребува нашата трпеливост. Неколегијално и непрофесионално е да се одликува тимот за награда без медицинските сестри,“ истакнуваат од извршниот одбор на Унијата.