еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

Бесплатно лекување за наш граѓанин со Ковид-19 ако се најде во болница во Србија и Албанија

Меморандум за соработка во услови на Ковид-19 денеска потпишаа премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Србија, Ана Брнабиќ и на Албанија, Еди Рама во присуство на министрите за здравство.

Со Меморандумот меѓу другото се предвидува граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија да ги минуваат границите и без ПЦР тестови, доколку граѓанин поради Ковид-19 се најде во болница во овие земји државата ќе го преземе трошокот за лекување, министрите за здравство и лекарите од трите земји ќе соработуваат и ќе разменуваат искуства во борбата со коронавирусот…

Премиерот Заев, кој беше домаќин на настанот, истакна дека со ова се поставува патот за уште посилна соработка помеѓу нашите пријателски земји.

-Сакаме да го олесниме животот на нашите граѓани и да поставиме основи за економско закрепнување, рече Заев кој потоа соопшти што ќе опфаќа оваа соработка.

Северна Македонија, Албанија и Србија, како што кажа, веднаш ќе почнат да работат на координација околу обезбедување на вакцина за Ковид – 19 за нашите граѓани.

Земјите меѓусебно ќе се поддржуваат и ќе си помагаат доколку се случи преоптоварување на здравствените системи.

– Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските оператори со кои се ублажуваат последиците од Ковид – 19. Граѓаните и, пред се, носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР – тестови односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар граѓаните на нашите држави притоа почитувајќи ги сите мерки на заштита кои се речиси идентични во сите три земји, рече Заев.

Доколку еден граѓанин на некоја од земјите потписнички се затече на територијата на друга земја и треба да се лекува таму каде што е хоспитализиран, тогаш, како што објасни тој, државата во која се лекува ќе ги преземе трошоците за тоа лекување.

-Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да плаќа од својот џеб.

Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на нашата територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување, и на поткрепа која си ја даваме меѓу себе, рече Заев.

Албанија и Србија во рамките на истиот настан потпишаа и и билатерален договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.

-Граѓаните на Северна Македонија веќе неколку години ја имаат можноста да патуваат со лична карта во Албанија и Србија. Денеска би сакал да го поздравам договорот меѓу Албанија и Србија со што и граѓаните на двете земји ќе можат со лична карта да патуваат меѓусебно. Ваквите договори во интерес на граѓаните ја зајакнуваат регионалната соработка, изјави Заев.

Трите земји, како што кажа, продолжуваат интензивно да соработуваат и да ги решаваат препреките кои на граѓаните ќе им овозможат многу подобар квалитет на живот.

Заев изрази задоволство што и Косово ја прифатило поканата и се приклучува на овој процес на унапредување на реионалната соработка, а верува дека многу бргу и Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе се приклучат.

-Убеден сум и ве уверувам сите дека ќе има само придобивки повеќе за нашите граѓани и за нашите економски оператори, рече премиерот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека е многу среќен и горд прво заради тоа што го потпишале Меморандумот за соработка за борба против коронавирусот, затоа што заеднички ќе преземаат мерки и важно е што донеле одлука експертски медицински тимови да разговараат и соработуваат.

– Важно е не само поради коронависурот, ќе постојат и други вируси, но со тоа ќе воспоставиме и подобри контакти меѓу нашите лекари не само во Тирана, Скопје и во Белград, туку и меѓу нашите лекари од другите градови во нашите земји.

Важно е со тоа да создаваме дополнителна блискост и доверба и да можеме на најконкретен начин да им помогнеме на нашите луѓе. Мислам дека од пресудно значење е да им се покаже колку ние се грижиме за здравјето, колку ни е важно на најдобар можен начин да минеме низ оваа тешка криза, нашата соработка и меморандумите да помине во пределот на соработка на областите на добивање вакцина и развој на зелените транспортни линии и во секој момент нашите болници да можат да ги примаат и албанските и македонските граѓани и обратно.

Со тоа ќе постигнеме дополнителна сигурност, истакна Вучиќ.

Посочи дека здравјето и инфекциите не познаваат национални државни граници и затоа исто така е многу важно тоа што што го договориле да не ги затвораат границите, туку заднички да ја пребродат кризата, заедно да се борат против пандемијата и да продолжат со трговската размена, да ја унапредуваат таа соработка и сите други видови соработка.

– Ние сме мали народи и најчесто сме биле под влијание на големи различни сили кои сакале да ги остварат своите интереси низ историјата. Денес тоа е променето, меѓутоа важно е за нас да се обидеме да одлучуваме за иднината на нашите граѓани и да покажеме дека можеме да ја чуваме нашата независност и сами да носиме одлуки пред се со оние кои се во нашето соседство.

Затоа сум и среќен заради овие наши договори. Кога ќе направиме и неколку други важни договори ќе видиме колкава е користа од овие прашања. Не е случајно што ММФ предвидува дека нашите три земји во следниот период од три години ќе имаат најголема стапка на развој во овој дел на Европа.

Верувам дека и со дополнително поедноставување на процедурите и дополнителната соработка и зголемување на протокот на стока, може да постигнеме многу, рече Вучиќ.

Нагласи дека е сигурен дека и сега кога формално ги решиле сите пречки за граѓаните на Србија да патуват не само на територијата на Република Северна Македонија, туку и на Република Албанија само со лични карти, ќе имаме многу повеќе Албанци во Ниш и Белград кои сакаат да ја посетат Србија, меѓутоа и многу Срби кои сакаат да ги видат и Драч, Тирана, Валона и сите други места во Албанија, како што сакаат да ги видат и Скопје, Охрид, Велес и многу други места во Северна Македонија.

– Во Србија ќе направиме посебен тим што ќе се занимава само со овие прашања и кој заедно со вашите тимови ќе се обидат тоа да не биде една од обврските во две или три недели, туку тоа да биде дневна работа и затоа ја сметам за важна идејата на премиерот Рама да го забрзаме создавањето заеднички секретаријат да видиме како тоа да го институционализираме и како тоа да го финансираме.

Ние сме подготвени да го финансираме со 50 отсто веднаш, затоа што сметаме дека е во најдобар интерес. Ова ќе ги приближи нашите земји и политички, но пред се на граѓаните ќе им донесе подобар живот, додаде Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека со меморандумите што веќе ги потпишале се предвидува размена на информации и искуства, како и на товарот, колку што е можно во услови на пандемијата со Ковид-19.

– Со Софискиот самит, кој почнува утре, почнува една нова фаза на нашата тесна соработка и Косово ќе се приклучи на иницијативата. Посакувам исто така и другите земји од западнобалканската заедница да се приклучат дефинитивно за да можеме сите заедно да работиме кон подобра иднина и истовремено многу е важно утре на Софискиот самит да ја повториме нашата посветеност на проширување на зелената зона кон европските земји и во однос на нашиот заеднички став во однос на ЕУ во однос на новиот зелен договор што сите го прифаќаме.

Меѓутоа истовремено да им укажеме на нашите пријатели, колеги од ЕУ, дека на Балканот му треба поголема поддршка заради тоа што тоа е навистина огромен чекор што сите сакаме да го преземеме. Затоа без сомнение потребна ни е поддршката што е од суштинско значење, рече Рама.

Посочи дека цврсто е уверен дека оваа иницијатива ќе расте и ќе помогне сите да се запознаат повеќе меѓусебно во однос на секојдневните заложби за економиите и општествените предизвици, а истовремено и многу ќе ја подобри атмосферата за изнаоѓање решение во интерес на сите народи и во однос на иднината, и во однос на минатото.

– Несомнено е дека не постои друг пат, друга можност за подобра идина од отворени разговори, комуникација, размена на ставови и да се согласиме или да не се согласиме кога уште не сме постигнале договор, меѓутоа секогаш да гледаме едни на други како земји што се ориентирани кон иднината.

Тоа е она што го постигнавме денес и што ќе правиме утре и врз основа на тоа историјата ќе ни суди.

Се надевам утре на Софискиот самит ќе имаме плодна дискусија со нашите европски пријатели и партнери.

Свесни сме за тоа дека Европа кога го проценува нашиот напредок се повеќе во светло на динамиката на земјите во Европа и други места отколку од аспект на постигнување на целите, меѓутоа не постои друг начин освен да се избориме на тој пат да станеме членки и да ја зајакнеме соработката и да докажеме како балканска заедница дека припаѓаме во Европа, додаде Рама.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Доктор Беќаровски: Следните осум месеци ќе се добие битката со Ковид-19, жртвувајте ги собирањата за Нова година и Божиќ за спокојно да го дочекаме летото

Редакција

Македонскиот БДП со раст од 1,1% во второто тромесечие

Редакција

И италијанскиот ланец на супермаркети Conad најавува влез во Македонија

Редакција