Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара формирање на ковид комисија во која би членувале стручни луѓе кои ќе понудат решенија за надминување на актуелната ситуација со пандемијата. Смета дека час поскоро треба да се воведе и полициски час.
– Тоа не треба да биде партиска комисија. Ние не треба да ги партизираме тие луѓе. Тоа се луѓе кои треба да понудат како најлесно да излеземе од оваа денешна ситуација во која се наоѓаме, рече Мицкоски во гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Тој оцени дека здравствениот систем е преоптоварен и за тоа, според него, виновна е власта која нема јасна визија и стратегија. Смета дека се воведуваат парадоксални мерки, бидејќи од една страна се воведува кризна состојба, а од друга страна се организираат предвремени локални избори во две општини.
Решението го гледа во формирање на експертска влада и во одржување на лидерска средба.
За ситуацијата со Бугарија, рече дека никогаш не би потпишал договор каков што е Договорот за добрососедство. Повика на лидерска средба на која би се зацврстиле позициите на државата во однос на идентитетот и јазикот.
– Зошто не седнеме на лидерска средба, зошто да не и олеснеме на Владата, зошто не ги забетонираме нашите преговарачки позиции со еден заеднички документ кој што ќе го усвоиме заедно во Собранието. Ајде во Собранието да изгласаме една таква резолуција на која што ќе ги забетонираме позициите на Владата, истакна Мицкоски.
Прашан дали ќе поддржат одржување на онлајн седници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека никогаш нема да поддржат кршење на Уставот и неуставни творби вклучително и онлајн гласање.
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ