Премиерот Зоран Заев најави одржување лидерска средба до крајот на годинава во врска со евроинтеграциите, ковид-кризата и други прашања од интерес на граѓаните. Очекува таква средба да свика претседателот Стево Пендаровски, но ако ако шефот на државата не закаже лидерска, тоа ќе го направи тој.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика претседателот на државата да свика лидерска средба, но, не сум во тек што се случува. Доколку не се свика таква лидерска средба, јас би го контактирал денеска-утре претседателот на државата за една таква намера, доколку не, веројатно јас до крајот на годината ќе свикам лидерска средба и заради евроинтеграциите, но и заради справување со ковид-кризата и за сите други сфери на интерс за граѓаните за кои би можеле да дискутираме на средбата,“ рече Заев одговарајќи на новинарско прашање во рамки на отчетот за сработеното на Владата во првите 100 дена.
Тој истакна дека власта сака да изгради консензус по повеќе прашања и проекти, а оти еден таков е и проектот за новиот Клинички центар.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција пак рече дека тој нема да учествува на евентуална лидерска средба којашто би дошла по иницијатива на претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Како што кажа тој, ВМРО-ДПМНЕ би седнала на маса со останатите партиски лидери само ако иницијатива за таква средба дојде од Владата.
„Пендаровски не е лидер на политичка партија. Во еден такот формат, којшто би бил организиран од него нема да учествувам, во една таква средба, бидејќи не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во една таква лидерска средба“, рече Мицкоски.
Фото: Влада