еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Сите детали околу спогодбата меѓу Владата и „Макпетрол“ за гасоводот

Законот за спогодбено решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“ околу гасоводниот систем ги зовре страстите во Собранието и предизвика жестока дебата.

За граѓаните да добијат увид за каква спогодба станува збор и кои се причините за овој чекор Ви пренесуваме клучни поенти од Законот.

„Со Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба, се решава долгогодишниот спор што се води помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје, во врска со утврдување на учеството на секоја од страните во реализација на изградбата на гасоводниот систем во Република Северна Македонија.

Изградбата и располагањето со гасоводниот систем и гасификацијата во Република Северна Македонија е од огромно значење, тоа претставува огромна капитална инвестиција и истата на среднорочен и долгорочен план е од круцијално значење и носи огромни придобивки во севкупниот развој на Република Северна Македонија.

Како резултат на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје, се отпочнати повеќе постапки пред надлежниот суд, кои постапки со децении немаат завршница и до денес ниту една од нив не е правосилно завршена“, пишува во предлог-законот.

Во него се додава дека резултат од ваквото постапување во спорот, е тоа што досега се потрошени огромни финансиски средства, потрошено време, човечки потенцијали и што е особено важно, граѓаните неоправдано се лишени од можноста да добијат гасификација, а Република Северна Македонија како држава неоправдано е попречена во развојот со користење и располагање на овој енергетски ресурс.

„Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решаваат несогласувањата помеѓу страните и води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ваквиот спор и дава можност за мирно надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки.

Решавањето на спорот, во овој формат, со носење закон во скратена постапка,со кој се усвојува Спогодба за регулирање на меѓусебните односи, произлезе од укажувањето на Државното правобранителство на Република Северна Македонија, како и од обврската спорот да се реши што побрзо, согласно Законот за енергетика и присутната опасност да бидат воведени соодветни санкции од страна на Европската унија.

Државното правобранителство на Република Северна Македонија имајќи го во предвид значењето на изградбата на гасоводот и гасификацијата во Република Северна Македонија, има разбирање за неговото значење, и како застапник на Република Северна Македонија пред надлежниот суд, укажува дека пред склучување на спогодба.

Собранието на Република Северна Македонија потребно е да донесе акт, врз основа на кој Владата да склучи спогодба за регулирање на меѓусебните односи. Собранието на Република Северна Македонија на 21.5.2018 година, го донесе новиот Закон за енергетика (“Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018), кој закон е во целост усогласен со третиот пакет на ЕУ директивите кои се однесуваат на внатрешниот пазар на енергија, а истовремено Република Северна Македонија е и потписник на Енергетската заедница од нејзиното основање во 2006 година, поради што потребно е овој спор да се реши во најбрз можен рок“, пишува во предлог-законот.

Во моментот, Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје се акционери во деловниот субјект ГА-МА АД Скопје, што претставува сериозен проблем, бидејќи со Законот за енергетика е предвидено да се изврши сопственичко раздвојување на Операторот на системот за пренос на природен гас.

„Тоа значи дека ист субјект ќе нема право во исто време да ја врши дејноста Оператор на системот за пренос на природен гас и дејностите на трговија и/или снабдување со природен гас.

Во Република Северна Македонија, со системот за пренос на природен гас, управува ГА-МА АД Скопје, а сопственици на истата се Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје.

„Макпетрол“ АД Скопје поседува и фирма за снабдување со природен гас, што е во спротивност со одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на сопственичкото раздвојување.

За Република Северна Македонија, од особено значење е да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија, а истовремено преку државната компанија МЕР АД Скопје во тек е изградба на магистралниот гасовод низ целата држава и во иднина по изградба на целосната мрежа, за непречено функционирање, потребно е овој гасовод што го гради МЕР АД Скопје, да се спои со системот на природен гас со кој сега управува ГА-МА АД Скопје.

Со цел, Република Северна Македонија, успешно да го заврши процесот на сертификација на операторот на преносниот систем на природен гас, и да се изврши спојување на двете компании МЕР АД Скопје и ГА-МА АД Скопје и акциите да се префрлат од Владата на Република Северна Македонија на Министерство за економија, согласно Законот за енергетика, потребно е во најбрз можен рок да се реши спорот со „Макпетрол“АД Скопје“, пишува во предлог законот.

Што пишува во спогодбата:

Член 1

Договорните страни ги утврдуваат како конечни своите вложувања, односно учество во ГАМА АД Скопје со седиште на бул. Св. Климент Охридски бр.54 Скопје со ЕМБС 5135419 во номинален износ во основната главнина кој изнесува 37.612.500 евра од кои на акционерите им припаѓаат на секој по една половина (50%) односно:

– На акционерот Влада на Република Северна Македонија ИБ 04064674 со број на сметка 1000062299, сопственост на 1 акција со номинална вредност од 18.806.250 евра;

– На акционерот Макпетрол Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати Скопје ИБ 04057643 со број на сметка 1000176718, сопственост на 1 акција со номинална вредност од 18.806.250 евра.

Член 2

Со денот на потпишувањето на оваа Спогодба, Владата на Република Северна Македонија изјавува дека се одрекува од тужбите и од тужбените барања истакнати во следниве тужби:

– Тужба 1 ТС бр.368/05 која се води пред Основен Суд Скопје 2 Скопје и

– Тужба 56 ТС бр.18/18 која се води пред Основен Суд Скопје 2 Скопје

Со денот на потпишувањето на оваа Спогодба, „Макпетрол“ АД Скопје изјавува дека се одрекува од противтужбата поднесена во постапката 1 ТС бр.368/05 која се води пред Основен Суд Скопје II Скопје.

„Макпетрол“ АД Скопје, на денот на потпишувањето на оваа Спогодба, изјавува дека се согласува со одрекувањето од тужбите и тужбените барања од ставот 1 од овој член.

Владата на Република Северна Македонија, на денот на потпишувањето на оваа Спогодба, изјавува дека се согласува со одрекувањето од противтужбата и тужбеното барање од ставот 2 од овој член.

„Макпетрол“ АД и Владата на Република Северна Македонија изјавуваат дека се одрекуваат од тужбата и од тужбеното барање изложени во тужбата 51 ТС-100/10 (првично заведена под бр. на предмет 10 ТС-274/08) поднесена од страна на ГА-МА АД што се води пред Основен суд Скопје 2 Скопје.

Член 3

Договорните страни неотповикливо изјавуваат дека оваа Спогодба претставува вонсудска спогодба која ја заменува судската правосилна пресуда од погоре цитираните одлуки, со која се утврдува пропорцијата на вложувањата во АД ГАМА Скопје во сооднос од 50%:50% и истата ја потврдува структурата утврдена во Акционерската книга на ГА-МА АД Скопје.

Член 4

Договорните страни се обврзуваат веднаш по потпишувањето на оваа спогодба да го известат судот за одрекувањето од тужбите и тужбените барања и за согласноста за одрекувањето и откажувањето согласно член 2 од оваа Спогодба, за што судот ќе донесе формални решенија, со клаузула за правосилност и извршливост.

Двете договорни страни се согласни дека оваа Спогодба е нивна слободно изразена волја и дека со исполнувањето на обврските преземени со оваа Спогодба се решени сите спорни прашања помеѓу договорните страни во врска со ГА-МА АД Скопје и притоа во иднина, се одрекуваат од било какви меѓусебни тужби во врска со ГА-МА АД Скопје Секоја страна сама ги сноси трошоците направени во текот на постапките.

Член 5

Договорните страни се обврзуваат да го потпишат и да го имплементираат Договорот за купопродажба на влогот на „Макпетрол“ АД во ГА-МА веднаш по склучување на оваа Спогодба, односно:

– веднаш по склучувањето на оваа Спогодба и добивањето на Решенијата од член 4
став 1 од оваа Спогодба, „Макпетрол“ АД Скопје се обврзува да ја понуди на продажба својата акција во ГА-МА АД на Владата на Република Северна Македонија за цена од 32.773.905 евра;

– веднаш по приемот на понудата, Владата на Република Северна Македонија се обврзува да ја прифати понудата на „Макпетрол“ АД да ја откупи неговата акција за цена од 32.773.905 евра;

– веднаш по прифаќањето на понудата од страна Владата на Република Северна Македонија, договорните страни се обврзуваат да потпишат договор за купопродажба и

– Владата се обврзува да му го плати на „Макпетрол“ АД Скопје утврдениот износ од 32.773.905 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија, утврден на денот на плаќањето;

– Плаќањето по налог на Владата ќе го изврши Акционерско друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје во државна сопственост.

Член 6

Спогодбата е составена на македонски јазик во два (2) идентични примероци.

Член 7

Договорните страни се обврзуваат да го информираат Секретаријатот на Енергетската заедница за потпишувањето и за имплементацијата на оваа Спогодба за регулирање на меѓусебните обврски, како и за Договорот за купопродажба на сопственичкиот капитал во ГА-МА АД од член 5 од оваа Спогодба.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Маратонска расправа во Собранието за договорот меѓу Владата и „Макпетрол“: Виси судбината на гасоводот

Во Собранието жестока расправа за законот за решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“ за гасоводот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

УЈП продава запленети автомобили, камиони и автобуси по багателни цени за да наплати данок

Редакција

Термин за мамографија во Скопје нема во наредните три месеци, жените принудени проверка за рак на дојка да прават во приватните клиники

Редакција

(Фото) И партнерката на српската премиерка на маршот на „Европрајд“ во Белград

Редакција