Поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на денешното рочиште за организаторите на настаните од 27-ми април во Собранието, негираше дека ВМРО-ДПМНЕ била организатор на настаните и додаде дека партијата формално никогаш не се изјаснила и немала став по однос на протестите.
Критичниот ден, како што рече, била во својата канцеларија во партиското седиште и притоа не се случувало ништо невообичаено.
– Дваесет и седми април остави траги кај сите нас. Јас во 17 часот си заминав од партијата, отидов дома и на телевизија видов што се случува во Собранието, додаде Јанкуловска.
На денешното судско рочиште за „Организаторите на настаните од 27-ми април“ повикани се 17 сведоци.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристоски, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
МИА/Фото: МВР