еМагазин
Image default
Бизнис

Пејпер Мил: Ги задржуваме вработените, се надеваме на рестартирање на процесите

Пејпер Мил од Кочани информира дека по правни консултации, а според Законот за работни односи, донесе одлука за статусот на 120-те вработени во фабриката.

Од компанијата наведуваат дека во наредните два месеци вработените ќе добиваат 70% од платата и редовно ќе им бидат плаќани придонеси за целиот период додека не одат на работа, заради привремениот прекин на работењето на фабриката.

Тие денеска ги информирале вработените и за можноста за рестартирање на фабриката во април оваа година, кога тие повторно би се вратиле на редовна работа.

Минатата недела управата на Пејпер Мил донесе одлука да го прекине производствениот процес на неопределено време, по решението на Инспекторатот за животна средина со кое на фабриката и беше наложено користење на метан како единствен енергенс, на што претходеа мерења од страна на компанијата и од страна на Инспекторатот, чии резултати покажаа драстични разлики.

„Беше исклучително важно да го решиме статусот на вработените. Тие не доаѓаат на работа, а до сега исплаќавме цела плата. Искрено се надеваме дека ќе ги рестартираме процесите на рециклажа на хартија и производство и сакаме, и важно ни е да ги задржиме овие луѓе.

Успеавме и во текот на целата ковид криза да не отпуштиме вработени, а од друга страна во нашите развојни планови предвидуваме и зголемување на човечките ресурси во фабриката за 30 проценти. Очекуваме соработка со сите чинители, со цел што поскоро да продолжиме со работа“, изјави Јулијан Даскалов, генерален директор на Пејпер Мил од Кочани.

Во интерес на рестартирање на производството, Пејпер Мил веќе има нарачано дополнителна опрема за унапредување на технолошкиот процес и дополнително намалување на влијанието врз животната средина.

Од компанијата очекуваат новата опрема да пристигне и да биде инсталирана во првиот квартал годинава.

Од компанијата информираат дека веќе ги известиле и сите купувачи од регионот дека се приморани да ги откажат нарачките во овој период, а доколку и кога го рестартираат производството ќе одговорат на побарувањата.

„Пејпер Мил во овој период ќе претрпи загуби по основ на откажаните нарачки од 2,500 тони хартија, прекин на производството и исплата на плати, а дополнително прекинот ќе се рефлектира и врз целокупниот синџир на набавки вклучително и откупот на хартија за рециклажа од нашата земја.

Пејпер Мил од Кочани е единствената фабрика за рециклирање на хартија во Република Северна Македонија, која ако на почетокот целосно увезуваше хартија за рециклирање, денеска во најголем дел откупува и рециклира хартија од и во нашата земја,“ се вели во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кочанската фирма “Пејпер Мил„ казнета со 20.000 евра за загадување

Фото: Пејпер Мил

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Забрана за вршење дејност за 30 работодавачи поради непочитување на мерките за топлото време

Редакција

„Конти хидропласт“ го доби тендерот на „Струмица-гас“ за изградба на секундарна гасоводна мрежа вреден 48.000 евра

Редакција

„Линк медиа плус“ го доби тендерот за новогодишно украсување на Скопје „тежок“ 260.000 евра

Редакција