еМагазин
Image default
Македонија

Македонско-бугарската комисија не постигнала напредок околу историските прашања

Бугарскиот копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, Ангел Димитров смета дека дванаесеттиот состанок на ова тело, што се одржа во онлајн формат вчера и денеска, завршил без напредок.

„Ние се уште сме во десеттиот век и нема чекор напред“, изјави Димитров на брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Софија, се уште не е решен спорот околу цар Самоил и случувањата од периодот на крајот на Првото бугарско царство, бидејќи од македонска страна постоела целосна воздржаност да се спомене дека заедничката историја започнала во Средниот век и поради „двоен стандард во проценката за Самоил, во зависност од тоа дали станува збор за заеднички прослави или за текстовите во македонските учебници“.

Извори од тимот на македонските членови на Комисијата, за Радио Слободна Европа брифирале дека понудиле неколку предлози за Цар Самоил кои претставувале чекор напред од нивните досегашни позиции, но дека бугарските колеги ги одбиле и останале на своитe стари ставови „кои се во основата на спорот помеѓу двете историографии“.

„Очигледно е инсистирањето на колегите од Софија да се наметне еднозначно решение кое е туѓо за начинот со кој се надминуваат спорови што произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото.

Решавањето на спорот води исклучиво преку самокритичен пристап кон сопствените етнонационални историски наративи, а не преку наметнување на еден наратив врз друг“, велат истите извори од македонскиот тим историчари.

Претходно, нашето Министерство за надворешни работи соопшти дека на 12-та средба на Комисијата за историски прашања не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, ниту согласност за прашањата поврзани со Средниот век.

МНР информира дека на предвидениот дневен ред на оваа седница биле прашања поврзани со содржината на Записникот од 10. средба, изготвувањето препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

Меѓутоа, според МНР, Комисијата не го отворила прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување.

„Во однос на прашањата со записникот, членовите на Комисијата го усвоија записникот и беше утврдено во текот на месец март членовите на Комисијата да работат на усвојување на записникот од 11. средба и Годишниот извештај на Комисијата.

Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието.

Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики“, се наведува во соопштението од МНР.

Дискусијата по овие теми, според најавите, ќе продолжи на следната седница на Комисијата што треба се одржи на 22 и 23 април 2021 година.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пет дена пред да оди во затвор, Сеад Кочан легна болен

Редакција

Мицкоски за францускиот предлог: Бугаризација на рати

Редакција

Груевски до 8 ноември треба да се јави во затвор

Редакција