еМагазин
Image default
Македонија

Уставниот суд одржа подготвителна седница за Законот за Договорот од Преспа и за Законот за употреба на јазиците 

Подносителите на иницијативите, претставници од Владата, како и дел од професорската фела денеска во Уставниот суд на подготвителна седница дебатираа за предметите во кои е оспорена уставноста на Указот за Законот за ратификација на договорот со Грција (т.н. Преспанскиот договор) и Законот за ратификација на Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резулуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и на Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците и Законот за употреба на јазиците.

Во однос на Законот за ратификација на Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резулуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Указот за прогласување на Законот, до нив се поднесени седум иницијативи.

До судот пак во однос на Законот за употреба на јазиците и Указот за негово прогласување се поднесени вкупно 13 иницијативи. Како што велат од Судот, по однос на овој Закон првата иницијатива била поднесена во јануари 2019 година, а во текот на целата година пристигнувале и другите иницијативи и поради истата материја која е оспорена ќе се разгледуваат заедно.

Подносители на иницијативите се политичките партии Левица, ВМРО-ДПМНЕ, Светскиот македонски конгрес, професорките Солза Грчева и Тања Каракамишева, како и граѓани.

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица, денеска присуствуваше на седницата, како подносител на иницијативата. Тој во изјава за медиумите посочи дека не може да се објави Закон без потпис на претседателот на Републиката. Во таков случај, како што рече, се иницира постапка за импичмент што во случајов не е сторено. Тој додаде дека ова е прв преседан од Југославија до денес да се објави закон со фуснота.

-Ова е јавна расправа посветена на две правни прашања, според мене неспоиливи меѓутоа во суштина се сведуваат на едноставна процедура и покрај што уставните судии се обидуваат да наметнат сложена дилема, прашањето е многу едноставно, дали може да се објави или не може да се објави закон без потпис на претседателот.

Значи прашањето треба да се сведе на фактичко прашање, да се утврди дали има или нема потпис и потоа да се пресуди. За тоа на Уставниот суд му требаат две години така што прашањето е многу едноставно, дали претседателот на Собранието смее или не смее да објави закон без потпис од претседателот, изјави Апасиев.

Според него, она што уставните судии треба да се одважат, е само да го поништат Законот. Додаде дака  вакви закони уставните судии до сега имаат поништувано во ситуација кога биле кредибилни уставни судии.

-Тоа е случајот во 1998 година, за Законот за употреба на знамињата, кога Тито Петковски стави два потписа. Во овој случај нема ни два потписа, тука има фуснота наместо потпис од заменик генерален секретар на Собранието што е невиден нонсенс во компаративното уставно право. Таков случај не постои ниту во праксата ниту во теоријата, рече Апасиев.

Тој појасни дека Левица од позиција на власт нема да го почитува овој Закон, бидејќи, како што рече, не е закон.

-Тоа е само објавено парче хартија и ќе спроведе кривичен прогон против оној што го објавил тој директорот на Службен весник, за кривично дело саботажа. Мислам дека намерно е одолговлекувана, евидентна е тенденцијата, меѓутоа ние ќе ја коментираме, ќе ја почекаме најпрво одлуката, бидејќи денес нема да одлучат, ова е само подготвителна седница, додаде Апасиев.

На седницата свое излагање имаше и професорот Јован Кекеновски. Тој изјави дека Уставниот суд треба да го поништи Законот за јазиците затоа што се направени сериозни пропусти при донесувањето на Законот, посебно што, како што нагласи, донесен е со недоволен број на гласови.

-Повеќе од јасен е Амандманот 5 кој се однесува на употреба на јазиците. Не може да се менува неговата суштина, односно неговите рамки да се прошируваат со такво мнозинство со кое што е усвоен постојниот Закон за јазици, што значи дека е потребно децидно да биде испочитуван Амандамнот 18 односно да биде со 2/3 мнозинство, од вкупниот број пратеници во кои што ќе има и половина од припадниците на немнозинските заедници во нашата држава, додаде Кекеновски.

Како што додаде, има и други сериозни аргументи, а ги наброи неразгледување на 35 илјади амандмани, и не постапување по забелешките на претседателот.

-Жално е што судот дури сега врши подготвителна расправа, прашање е кога ќе донесе одлука, негативните последици се страшни по однос на имплементирање на Законот за јазици, ние ги чувствуваме како од личен така и од финансиски.

Јас мислам дека судиите сепак ќе бидат на ниво на висината на задачата, без оглед на фактот кој ги предложил уставните судии, кој ги поддржал и како, ќе го почитуваат владеење на правото и законите, додаде професорот.

Претходната постапка по предметот беше водена повеќе од една година, со детална анализа на наводите во иницијативите во однос на законските одредби, беа побарани одговори од сите учесници во постапката (доносителите на актите и Владата на РСМ) и се изработени обемни реферати, велат од Уставниот суд.

И двата закона, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, се усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март 2018 година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така во 2018 година.

Владата, како што објави во соопштение, ја поддржува одлуката двата закони да бидат објавени во Службен весник на РМ со потпис на Претседателот на Собранието, имајќи го предвид прекршувањето на Уставот од страна на тогашниот претседателот Ѓорге Иванов, кој одби да ги потпише.

Одлуката за одржување подготвителна седница судиите ја донеле по неколкуте одржани работни состаноци на кои биле разгледани прашања поврзани со овие предмети.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Директорката на кумановската болница позитивна на корона вирусот: „Имунитетот попушти од стрес“

Редакција

Казнети 355 граѓани за неносење маска

Редакција

428 санкции за неносење маска

Редакција