еМагазин
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Усвоен извештајот за Македонија во Европскиот парламент, но отфрлен амандманот преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија

Со 558 гласови за, 70 против и 59 воздржани Европскиот парламент ја усвои резолуцијата на известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук.

Извештајот ги поздравува напорите на Северна Македонија во реформите за членство во ЕУ и ги охрабрува Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение околу спорот поради кој Северна Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ и покрај исполнетите реформи.

Амандманот поднесен од страна на Социјалдемократите и Зелените преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Северна Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.

Илхан Ќучук го поздрави фактот што Северна Македонија продолжи со реформите и покрај пандемијата од Ковид-19.

-Се надевам дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат.

Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, изјави Ќучук.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пред почетокот на седницата изјави дека се надева дека Северна Македонија ќе може формално да ги започне преговорите во првата половина од оваа година, за време на португалското претседавање со ЕУ.

МИА/Фото: Photo by Christian Lue on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Протест во Софија за секретарот на „Цар Борис Трети“: Џамбаски побара итен прекин на преговорите на Македонија за членство во ЕУ

Редакција

(Фото) Фамилијарна новогодишна честитка од министерот Бектеши

Редакција

Македонија на „коруптивен максимум“: СЈО не може да постигне со старите, наплив на нови случаи

Редакција