еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Приведен Драги Рашковски, Обвинителството започна истрага за набавката на софтверот и бара притвор

Полицијата утрово ги приведе поранешниот генерален секретар на Владата и поранешен секретар во Владата за мониторинг и подршка на институциите при реализација на владините програми, Драги Рашковски и Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп”.

Тие се приведени за случајот со набавката на софтвер за МВР, кој не е користи, а кој го осмилил и набавил Рашковски, додека беше генерален секретар на Владата, а кој пред неколку дена поднесе оставка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој се води истрага и има отворено предмети за Рашковски, кој поднесе оставка

Под лупа имотот на Рашковски, еве што пријавил во Антикорупциска

Тие треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд – Скопје.

Како што информираат од Јавното обвинителство со истрага за набавка на софтвер за МВР, се опфатени вкупно четири лица.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.

Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.

Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка.

Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот.

На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги.

Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена.

Летото 2019 година, првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер.

Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000 денари со вклучен 18% ДДВ и од 4.605.021 денари со вклучен ДДВ.

Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денари.

Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци за двајцата првоосомничени до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор.

За останатите осомничени даде предлог на судот да им определи мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено кај определено службено лице или определен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за учество во спроведување на постапки за јавни набавки.

Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот, Обвинителството на 18 март годинава отвори предистражна постапка.

Беа издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација по кои постапува истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од Обвинителството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинителството отвори предистрага за Рашковски

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Обдукцискиот наод за Вања се уште не е изготвен

Редакција

(Галерија) Твитер календар за 2019: Секси и со вкус

Редакција

183 нови случаи на Ковид-19, активни 13.045

Редакција